Нова нервоза за Атина: После Би-Би-Си, и германски медиуми со написи за „непризнатото македонско малцинство“

Објавата на Би-Би-Си за македонското малцинство во Грција беше само почеток. Дури и покрај тоа што имаше корекција во репортажата на британската новинска мрежа, се чини дека истата „си ја заврши работата“ и предизвика објавување на слични текстови. Ова се стравувањата искажани во грчкиот весник То Вима, откако напис со слична содржина се појави во уште едно европско гласило.

„Новиот удар доаѓа од Германија, поточно од ДФЛ, кои имаат репортажа наречена Македонско малцинство – Непризнаено во Грција“, пишува весникот.

Во воведот на текстот на ДФЛ се споменува репортажата на Би-Би-Си, како и дека истата предизвика бурни реакции во Атина. Написот се базира на интервјуто со новинарот Тасос Костопулос „кој со децении работел во грчкиот регион на Македонија и со населението кое таму зборува словенски јазик“. 54-годишниот правник и историчар напишал неколку книги, како и неговата докторска дисертација на оваа тема. Факт е дека во овој регион има луѓе кои зборуваат словенски јазик“, стои во најновата репортажа која предизвикува главоболки кај јужниот сосед.

„Има повеќе различни ставови и себедефинирања во врска со ова. Некои се сметаат за чисти Грци, други велат дека имаат различни културни квалитети, но не припаѓаат на друг народ. Во секој случај, не се сметаат за малцинство, бидејќи мислат дека тоа само ќе им наштети, дека ќе се исклучени од општеството“, вели Костопулос.

ТАСОС КОСТОПУЛОС

„Има помал дел од славјаните Грци кои се дефинираат како малцинство, а политички се претставени од партијата Виножито, која претежно влијае во регионот на Лерин. Овие луѓе станале дел од Грција во 1913 година. После првата светска војна, имаше размена на население меѓу Грција и Бугарија. Илјадници славјани ја напуштија земјата. Во тоа време Бугарија се уште беше сметана за главната закана од северот, непријателот кој се уште ја сметаше ново-освоената територија, Македонија, како своја“, вели тој.

Оние кои останаа во Грција развија нов идентитет низ годините, славо-македонскиот, исто така со помош на грчката држава која сакаше да ја задуши заканата од Бугарија. Во минатото уште една соседна земја, денешната Република Македонија, често зборуваше за славјаните Грци како за свое малцинство. Сепак, со Преспанскиот договор се обврза да се воздржи од билошто кое ќе се сфати како територијална претензија кон Грција, се вели во текстот на ДФЛ.

Пред 10-тина дена грчката јавност и дипломатија се вознемирија од репортажа на Би-Би-Си за непризнатото македонско малцинство во Грција, историјата на иселувањата на Македонците, забраните за говорење на македонски јазик и другите методи на репресија кон македонците кои живеат во тој дел на Грција. Амбасадорот на Грција во Лондон упати и протестно писмо до Би-Би-Си.