Новата штипска болница повторно ставена во втор план

Помалку пари  за изградба на штипската Клиничка болница во Штип се планирани од Буџетот за 2023 година. Бројките од Министерството за здравство покажуваат дека за наредната година, за овој капитален проект ќе бидат издвоени околу 1.400илјади евра , што е за 600илјади евра помалку од средствата издвоени со ребалансот на буџетот од минатата година. Дополнително ќе се зема заем во висина од околу  1.200.000  евра, но од каде, засега без конкретен одговор од ресорното министерство.

 Бавно тече изградбата на објектот. Зградата која требаше да биде готова пред пет години, е изградена околу 40%. Доколку се продолжи со ваквата финансиска динамика на издвојување на сретства од државниот буџет, отварањето на вратите на новата болница во Штип нема да се случи во наредните неколку години.

  Во меѓувреме министерот се сретна и со новите сопственици на изведувачот грчката фирма „Интракарт„. Но што е договорено,од Министерството не споделуваат детали, освен дека од страна на изведувачот ќе бидат преземени конкретни обврски во насока на реализација на овој проект.

  Работите тргнаа од мртва точка, откако подизведувачот Бетон вонсудски се спогоди со Интракарт. Бетон се откажа од каматите и се согласи долгот од 2милиони евра, го добие на рати. Токму и овој судски спор помеѓу подизведувачот и изведувачот за наплата на сработеното, надлежните го посочуваа како единствена причина за стопирање на градежните активности, но и Банката за развој при Советот на Европа да го повлече кредитот во вредност од 14милиони евра. 

Штипската болница беше најавувана како најсовремен објект во кој здравствена заштита ќе им се пружи на  300.000 пациенти од истокот и југоистокот. Темелите беа ставени во 2016 година и според тогашните најави со работа требаше да започне во март 2018.

Александра Ристевска

Advertisements