Ни првиот вицепремиер не знае кога уставните измени ќе влезат во Собрание: Груби бил оптимист дека некој од опозицијата ќе гласа ЗА

Народните избраници ќе мора да почекаат на шансата да одлучат дали Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав. Власта се уште не открива кога уставните измени ќе влезат во собраниска процедура, немало временска рамка. Ова ни го потврди и првиот вицепремиер Артан Груби. Сепак вели бил оптимист дека уставните измени ќе поминеле, иако за нив е потребно двотретинско мнозинство, кое власта го нема. За Груби лажна вест биле и предупредувањата за штетните последици од францускиот предлог, кој власта во Македонија го прифати.

-Јас сум апсолутен оптимист, затоа што имаме поддршка од сите проевропски сили во државата и надвор во однос на уставните измени и во однос на продолжување на европскиот пат на нашата држава. Гледате дека ништо не се случи по одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел. Јас денеска зборувам македонски, пишуваме македонски и никој не не бугаризираше, не не асимилираше и сето тоа беше една лажна вест и една пропаганда исто како што беше лажна вест и тиранската платформа, изјави Груби.

Груби кажа и дека имале секојдневни разговори со опозициски пратеници, па се надевал дека поддршка ќе добиеле од нив, односно од оние кои ги нарекува проевропски луѓе од опозицијата.

-Нашите секојдневни контакти со опозициски пратеници ни влеваат надеж дека они ќе го поддржат тоа и гледаме веќе развивање на едно проевроско крило и во опозицијата, што ме радува многу затоа што имаме потреба од опозиција која што е евроатлантски ориентирана, посебно во овие предизвикувачки времиња за државата, изјави Груби.

Иако реториката на власта звучи оптимистичка од нивна страна, сепак јасно е дека двотретинска поддршка за изгласување на уставните измени нема. Тоа јасно доаѓа и од зборовите на вицепремиерот од пред две недели, каде кажа дека не знаел кога уставните измени ќе влезе во Собранието, се уште било рано.

-Ние се уште немаме временска рамка, скринингот ни остава доволно простор да делуваме и ќе работиме на ова интензивно. Секако процедурата во Собранието ќе започне во некоја понатамошна фаза, сега мислам дека е рано за тоа да се зборува, кажа претходно Маричиќ.

Инаку, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, тврдејќи дека ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за уставните измени, ја повика власта тие веднаш да влезат во Собранието.

Матеја Петровски