Ни денеска нема нови мерки од Влада за спас на граѓаните и стопанството од кризите

Додека граѓаните, стопанството и Македонија чекаат мерки, Владата уште анализира.  Три часа  на социјално – економскиот совет владиниот економски  тим на чело со Премиерот Димитар Ковачевски  слушаше  конкретни предлози, калкулираше ама пак не  донесе антикризни мерки за граѓаните и стопанството.

Владата ги разгледува и предлозите кои ги достави опозицијата за полесен излез од економско- енергетската криза .  Од ВМРО – ДПМНЕ информираа дека ги предале контактите и дека се договорени средбите . На потег е сега Министерот за економија Крешник Бектеши кој треба да  изменаџира за набавка на поевтин гас и мазут. Дали Бектеши воопшто ги разгледал контактите, од Министерството за економија одговор нема.

И додека Владата анализира, бизнисот алармира дека мора нешто да се направи зошто ако се остават компаниите без интервенција за многу од нив се заканува и клуч на врата.

Не добивме конкретен одговор за конкретен датум кога ќе излезат со антикризни мерки, денеска имаше техничка широка дискусија и очекувам во релативно краток период и Регулаторна да излезе со калкулации за компаниите на слободен пазар. Сите се свесни дека нешто мора да се стори, доколку се остават компаниите без било каква интервенција ќе биде страшно. Треба да се штеди енергија и да се вложи во енергија, рече Трајан Ангелоски – претседател на ССК.

Премиерот бил најмногу загрижен за најранливите категории на граѓани, ама и за нив нема мерки. Од Сојузот на синдикати на Македонија, на маса ги ставиле конкретните мерки кои според нив ќе им помогнат на граѓаните. Тоа се платите да го следат растот на инфлацијата и синдикалната кошница, да се усогласуваат согласно колективните договори , да се замрзне маржата на основните и останати прехранбени производи, да се воведе повторно мерката „купи домашно“,  средношколците и студентите да се ослободат од трошоци за сместување и  да се воведе бесплатен градски превоз за на работа.

Очекуваме Владата да ги прифати ваквите мерки на следниот совет кој треба да се одржи во среда и на тој начин да ги прифати да им испадне во пресрет на работниците со најниски примања и најранливите категории на граѓани, рече Дарко Димовски , претседател на ССМ.

Мерки немаат ама одговоноста ја префрлија кај опозицијата. Обвинуваат дека ВМРО – ДПМНЕ ги блокирале законите за помош во енергетската криза во Собранието.  Но, кои закони, прашува опозицијата кога Владата уште не ги ни доставила до Законодавниот дом.

За жал владејачкото мнозинство, иако законот е само од три члена една недела се уште не замајува дека се преведува предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ. Односно одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание предлог законите кои што Ковачевски кажа дека се итни, дека ги има, дека бара поддршка, а од нив нема ни трага, ни глас во собраниските архиви. И затоа е бесмислено да се говори за поддршка на закони кои што не постојат и не се доставени во Собранието.

Следниот економско-социјален совет според најавите треба да се одржи во среда идната недела, а надежите се дека до тогаш Владата конечно ќе заврши со анализите и ќе донесе конкретни мерки .

Кристина Алексиеска

Advertisements