Ништо од најавуваниот центар за лица со „прадер – вили“ синдром

Ниту цигла нема ставено на долго најавуваниот центар за згрижување на луѓе со Прадер – Вили синдром, кој според последните најави дадени пред една година, требаше да биде лоциран во Берово.

Познавачите велат дека овие луѓе не смеат да бидат оставени без надзор и грижа зашто состојбата може нагло да им се влоши.

Алфа побара одговори од Министерството за здравство, зошто досега не е изграден ваков центар – оттаму засега молчат.

Прадер – Вили е ретко генетско пореметување чиј главен симптом е непрекината глад која не може да се контролира што резултира со екстремна телесна тежина, а меѓу другото предизвикува и намалена интелектуална способност, отежнат говор, проблеми со дишењето и однесувањето, остеопороза, дијабет.

Дваесетгодишната Ема е меѓу четворицата потврдени пациенти во земјава. Нејзината мајка успеала да ја испрати на лекување во Германија каде останала 5 години, но сега повторно е дома каде ниту една клиника не сака да ја згрижи зoшто и не постојат протоколи за тоа.

За да се отвори ваков центар кој ќе ја згрижи Ема и оние со исто заболување, потребно е да има медицински персонал кој може да одговори на ваквите предизвици. Претходните здравствени власти пратија лекари на обука во Германија, но Центарот се уште не изграден, па знаењето на медицинскиот персонал, за кое беа дадени пари од државата, досега не е искористено.

Сања Трајковска Ставров