Ништо од најавеното добрососедство: Како Бугарија со двата потписи на Заев и Борисов и стана најголем непријател на Македонија?!
Прегратки и насмевки кои ни донесоа само проблеми и блокади на европскиот пат. Како Бугарија од обичен сосед ни стана најголем непријател со само само два потписи на двајца поранешни премиери, едниот Зоран Заев на Македонија, другиот Бојко Борисов на Бугарија.
На први август 2018-та година добивме многу убави ветувања договорот како што си го нарекоа за добрососедство требаше на брза лента да не однесе кон Европската Унија.
-Само можам да посакам на Република Македонија и на граѓаните брзо да влезат во големото европско семејство, за нас друга алтернатива, за Бугарија не гледам, ни порача Борисов од Скопје.
Сепак ништо од убавите зборови, големото пријателство меѓу Заев и Борисов, се претвори во најголем проблем на Македонија. Дадовме многу, добивеме уцени и условувања на европскиот пат. Наместо отворање на бриселксата врата, договорот за добрососедство стана услов на државава на европскиот пат.
-Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира. Затоа, како што им реков, зависи од вас. Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме. Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската Унија. Тоа не е (по) желба, ако нешто не ти се допаѓа, никој не те кани, велеше Борисов.
На бугарските блокади ние одговоривме со големи отстапки, пред се историски.
-Ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, ние имаме заедничка историја, изјави Заев.
Од устата на македонскиот премиер слушнавме дека Гоце Делчев, покрај македонски бил и бугарски револуционер.
-Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.
Во обидот да му удоволиме на источниот сосед, одевме и контра историските факти.
-Ние веќе во државата имаме преку 20 табли во државата сменето, каде што стои бугарски фашистички окупатор. Тоа не е така, Бугарија не е фашизам, Бугарија е нашиот пријател, велеше Заев.
Ни дојде и најава дека ќе има обвинител со една задача- да лови кој говори што не и се допаѓа на официјална Софија.
-Има и други чекори што ќе се преземат. Од посебен обвинител за говор на омраза за кој сега разговараме со обвинителството, изјави Османи.
А за возврат добивме само провокации. Една од многуте е дека Македонците биле Бугари
-Историските факти за нашите две страни, Бугарија и Северна Македонија се недвосмислени дека во минатото поголемиот дел од нашето население составувал една етничка група, односно еден народ, каков што бил на Вапцаров родот. Географски македонски и народно односно национално бугарски, изјави Наум Кајчев, член на заедничката историска Комисија со Бугарија.
Со прифаќањето на Францускиот предлог, добивме и порака дека за Софија не постоел македонски јазик.
-Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик, изјави Теодора Генчовска, поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија.
Наместо најавеното добрососедство на крајот добивме само секојдневни бугарски провокации. Како печурки почнаа да никнуваат културни клубови спонзорирани од источниот сосед, со спорни историски имиња. Преку културен клуб решија да се здружат и Македонците од Бугарија, беше отворен „Никола Вапцаров“, кој од бугарските власти веднаш доби клуч на врата.
-Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност која што треба да не сплотува, во интервју за БГНЕС изјави Заев.
Матеја Петровски