Ништо од ветувањето за нов театар во Прилеп – и по шест години не е ставена ни една цигла

Изминува и шестата година од даденото ветување дека градот-храм на театарската уметност, Прилеп кој безмалку шест децении е и фестивалски „дом“ на основоположникот на македонскиот театар, револуционерот Војдан Чернодински, ќе добие нов тетар. Новиот објект се’ уште го нема, иако точно пред една година беше најавено дека овој проект Министерството за култура ќе го финасира со 100.000 евра за изработката на проектно-техничката документација. Тогаш, директорката на НУЦК „Марко Цепенков“, во чиј склоп треба да биде и новиот театар кажа дека веќе од средината на 2022 година треба да започне и изградбата.
И бидејќи до денес не се случи ништо, повторно ја побаравме директорката Јасмина Мицовска – Станкоска. Прашавме до каде е реализацијата на овој проект?
„Изработката на проектно – техничката документација за реконструкција со доградба на НУЦК „Марко Цепенков“, со цел обезбедување простор за потребите за изградба на театар е во завршна фаза. Поради обемноста на проектно-техничката документација и објективни причини, рокот за нејзина изработка беше продолжен. Следен чекор е постапка за добивање на одобрение за градба. Кога ќе завршат сите постапки, ќе информираме за следните чекори за реконструкција на Центарот за култура и изградбата на новиот театар“, се вели во краткиот писмен одговор.
Околу изградбата на новиот театар, свои ветувања имаше и екс-премиерот Заев, кој уште во декември 2020-та од центарот на Прилеп оптимистички најави дека во 2021 година ќе се започне со изградбата што до овој момент не е случено.
„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметката наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“, – изјави Зоран Заев на 19.12.2020-та година.
И, додека се чека изградбата на новиот театар, прилепскиот театарски ансамбал, кој патем е еден и од најуспешните и најнаградуваните македонски тетари, продолжува да работи во субстандардните услови од еден век старата зграда на НТ „Војдан Черндрински“. За ова, прилепските театарџии неброено многу пати и јавно реагираа до надлежните институции.
Инаку, откако е на власт на оваа Влада, во ресорот култура се сменија дури пет миниситри, но Прилеп и понатаму нема нов театар.
Каролина Дурло
Каролина Дурло