Ништо ново по дводневната посета на Генчовска- Османи гледа некаков прогрес

„Конструктивни разговори во добра атмосфера“ – вака ги опишува работните состаноци со бугарската министерка за надворешни работи Генчовска, шефот на дипломатијата Бујар Османи. Веднаш по средбата со неговата колешка, тој замина на роденденската прослава на неговата партија каде сподели со јавноста дека во следните денови ќе продолжи комуникацијата со Бугарија но во различен формат, а очекува тие размислувања да се преточат во конкретни прелози за решавање на македонско-бугарскиот спор.

Овие разговори создадоа предуслови за интензивирање во наредните денови со цел, се надевам, да се изнајде некое решение. Имаше добар прогрес во претставувањето и разбирањето на позициите на двете страни. Се надевам дека наредните денови ќе продолжи оваа комуникација во различен формат, за тие размислувања да се обликуваат во конкретни предлози кои треба да бидат основа за решение – изјави шефот на дипломатијата Османи.

Без разлика кое ќе биде решението, треба да биде достоинствено за двете страни и не смее да остави една страна задоволна а друга не, вели Османи. Двете држави според него, треба да направат напори за да се неутрализираат предрасудите и стереотипите и да ги сфатат позициит едни на други.

Инаку дводневната посета на Генчовска, помина во сенка на инцидентот во Битола, а таа во улога на истражен орган сподели детали за опожарениот клуб „Ванчо Михајлов“.

Моите очекувања се дека судството во Македонија ќе си ја заврши работата. На снимките можев да видам човек кој мирно пристигнува со велосипед и мирно истура запалива течност пред вратата од објектот. Огнот е израз на говор на омраза. Нашите очекувања се дека Македонија и нејзината влада ќе имаат конзистентна и сеопфатна политика за надминување на говорот на омраза – изјави Генчовска.

Генчовска се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кој истакна дека нема да прифати договор доколку не биде вклучен во преговорите и истите се на штета на македонскиот идентитет. Мицкоски побара од Генчовска, официјална Софија да го тргне ветото, да се отворат преговорите без понатамошни условувања.

Адријана Алексиеска