Ниту „Р“ од реформите во администрацијата – продолжуваат предизборните вработувања

Нема ниту „р“ од реформите во јавната администрација кои жестоко ги најавуваше СДСМ во својата предизборна програма. Наместо тоа, јавниот сектор, кои и онака е пренатрупан, дополнително се полни во пресрет на претседателските избори, што е спротивно на сите препораки од ЕК, алармираат експертите. Иако законот дозволува вработувања во јавниот сектор пред да се распишат изборите, сепак зголемениот број на административци може да се протолкува како желба на власта за гласови на претстојните избори, вели поранешниот антикорупционер Воислав Зафировски.

И за професорката по политички науки, Марија Ристеска, патот кон ЕУ, кон кој се стреми Владата, предвидува суштински реформи во јавниот сектор и намалување на бројот на административци а не вработувања со партиско влијание.

Експертите прашуваат – ако може самата Европска Унија да функционира со 80.000 административци кои опслужуваат дури 27 земји членки, зошто тогаш Македонија не би можела да ја преполови администрацијата и да биде функционална за граѓаните?

Инаку, само од стартот на годинава, над 150 огласи за вработување во државните институции распиша Владата. Дополнително, Градот Скопје, донесе одлука, само годинава, да „вдоми“ 300 работници во Комунална хигиена и над 230 во Јавното сообраќајно претпријатие.

Биљана Божиновска