Ниските плати главен проблем кај нас – Како да запре одливот на „мозоци“?!

Одливот на македонските „мозоци“ во странство не запира, предупредуваат универзитетските професори, кои подолг период се сведоци на овој проблем. Обучениот кадар од државата заминува на работа во странство, во потрага по повисоки плати и подобра живеачка. Проблемот според упатените е сериозен, а рецептот против него едноставен но очигледно тешко применлив.

Професорот на Машинскиот факултет, Радмил Поленаковиќ предупредува дека се уште е мала соработката на образованието со стопанството. Но клучниот проблем е што цената на трудот во државата се уште е ниска:

– Тоа е лошо. За да се задржат младите има начини, прво да се покачат платите кај нас во компаниите особено кај странските инвеститори кои вработуваат многу инжинерски и среднотехнички кадар и уште повеќе да се форсира самовработувањето, развојот на претприемачкиот дух и младите да започнуваат сопствен бизнис. Без тие две насоки на движење на развој нема перпсеткива за нашата држава, рече професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Радмил Поленаковиќ.

Професорот предупредува дека без иновативност нема конкурентност, а малите и средни компании треба поинтензивно да се насочат кон оваа проблематика.

Подобрата перспектива, но и заработувачка се клучните мотиви за младите кои сакаат да заминат во странство. Овој мотив и натаму е доминантен, иако има и студенти кои сакаат тие услови да ги уживаат дома:

За подобрување на состојбите домашното стопанство има на располагање и разни механизми од Европската Унија. ЕУ фондовите се едни од нив, но нивната искористеност се уште е предизвик. Државната помош, како на пример онаа преку Фондот за иновации е добредојдена но позначајни резултати се уште нема:

– Многу често тоа се мали претпријатија кои имаат само неколку вработени и тие немаат доволно ниту човечки рисурси, ниту капацитети за да земат и да го истражат подобро, да спремат предлог проект, а од друга страна се комплексните критериуми, технички, финансиски, кои тие треба да ги исполнат за да можат да ги задоволат бараните критериуми во таква една спецификација, вели Александра Каракашова Сачкарска, тим лидер на проектот „Јакнење на локалните бизниси за глобалните предизвици“.

Одливот на мозоци веќе подолг период ја тишти државата. Според некои проценки, во изминативе две децении Македонија загубила над половина милион луѓе, најголем дел од нив млади кои својата среќа ја побарале во странство. Дополнително што депримира е и фактот дека дури половина од работоспособното младо население кај нас е без работа.

Борис Грујоски