Никој не сака да биде надлежен за помилувањата за 27 април

Кој ќе одлучува за амнестија за 27 април? Законот за помилување жежок костен во рацете на судиите. Претседателката на судечкиот совет, Добрила Кацарска за најголемиот судски процес за собраниските настани, одбила помилувањата да бидат под нејзина надлежност, па затоа до крајот на денот претседателот на скопска единица ќе одреди дали по барањата ќе одлучуваат тројца судии од Кривичен совет или судечкиот на чело со Кацарска. Денеска до пладне од 33 обвинети , помилување побарале 27, како и уште 30 други осомничени и обвинети од групата од 70 тина кои беа опфатени со кривичен прогон за критичниот 27 април.

Но дилемата кој ќе биде надлежен да одлучува по жалбите не е единствена. Нема одредено ниту кој ќе ги испраќа барањата до обвинителството кое мора да даде мислење по секое барање. Иако судот има рок од 5 дена, да одлучи барањата за амнестија, обвинителството не е врзано со рок за колку време ќе се произнесе по истите. Иако со мислењето на обвинителството, судот не е обврзан да се сложи, сепак без нивен став не смее да носи одлуки.

Освен барања за помилување, до судот стигнале и известувања од обвинети дека одбиваат да се повикаат на законот за амнестија и бараат да им се суди до крај, таков е случајот со Јане Ченто и оперскиот пејач Игор Дурловски. По одлуката на првостепениот суд, обвинетите и осомничените ќе имаат право на жалба пред апелација. Рокот да ја обжалат одлуката е 3 дена, а исто толку рок има и второстепениот суд конечно да пресече дали некој ќе биде помилуван или не.

Катерина Гетева