Никој не знаел дека Јанева го изгубила мобилниот

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева најверојатно никаде не пријавила дека еден од двата мобилни телефони и е изгубен. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција дознале дека Јанева го изгубила телефонот, кога и го побарале пред една недела, потврдуваат од таму за Алфа.

Во наредбата издадена од судот, по барање на Обвинителството пишувало дека првиот човек на СЈО треба да ги предаде двата телефонски апарати, но кажано било дека едниот е изгубен. Единствено што засега се знае е дека синот на специјалната обвинителка, Лазар Јанев, соопштил дека истиот бил изгубен во Белград.

Пријава за такво нешто од Катица Јанева нема ниту во полицијата, потврдуваат од таму за Алфа, а од СЈО пак се уште не одговараат дали нивната шефица им кажала дека го загубила мобилниот телефон.

Инаку, телефоните беа потребни за Обвинителството за гонење организиран криминал и корпција да утврди каква комуникација имала Јанева со првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски алијас Боки 13. Како што потврди и обвинителката Вилма Русковска, на една од снимките доставени во ОЈО задно со пријавата, се слушал гласот на обвинителката, како зборува на интерфон додека осомничените за рекет Боки 13 и Зоки Кичеец изнудувале пари од својата „жртва“.

Пред една недела Јанева исчезна од јавноста. Таа поднесе оставка минатиот понеделник, во моментите кога беа уапсени осомничените за рекет. Како што информираа од СЈО, таа официјално е на боледување.

Дали специјалната обвинителка во наредниот период ќе биде дел од истрагата, се уште не се знае, како што кажа Русковска, таа не била повикана на распит, бидејќи истражителите се уште немале доволно докази за директна поврзаност во кривичното дело за кое две лица се веќе во притвор. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак изјави дека делото ќе се прошири, но не прецизираше кон кои лица.

-Да, истрагата ќе се прошири за сите инволвирани лица во конкретниот случај, како и за други кривични дела доколку во неа се дојде до такви докази. Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден, вели Јовески.

Како што тврдат од Јавното обвинителство тие во предистражна постапка, обезбедиле докази дека две лица барале рекет од 8 милиони евра, од кои 1,5 милиони биле исплатени. Според обвинението првоосомничениот влијаел врз обвинител да се изврши дејствие со кое во истражна постапка, ќе се олесни положбата на едно осомничено лице, а второосомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби меѓу првоосомничениот и „жртвата“ во случајот „Рекет.“

Матеја Петровски