Николоски: Разрешени се Јанчев и Богданов, а за Мијалков и Тодоров дисциплински постапки за исклучување од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа историска седница на Централниот Комитет на партијата. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам изграден во рамки на партијата кој што секогаш успева да ја прочисти партијата, да го исчисти она што е лошо од партијата и јасно да го избистри доброто, повторно да се врати на идеалите и корените на ВМРО, и да се погледне во очи со својот народ, со македонскиот народ, изјави потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

Вечерва, додаде тој, имавме една седница, на една длабока анализа, на внатрешно разјаснување и прочистување и верувајте, од денес ништо повеќе нема да е исто, односно ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото, доживува своја катарза и продолжува напред силно реформирано и единсвено во идејата за Македонија.

 

-Би сакал да информирам за одлуките од вечерашната седница на ЦК на партијата. На иницијатива на претседателот на партијата Христијан Мицкоски ЦК разгледа предлог којшто тој го даде за одржување на вонреден конгрес со цел разгледување на потребата од гласање на доверба на претседателот на партијата. ЦК после дискусија на којашто за да не влијае врз останатите членови не присуствуваше претседателот на партијата, едногласно одлучи да го одбие овој предлог и смета дека партијата нема потреба да одржи вонреден конгрес и дека претседателот ја има целокупната поддршка за водење на партијата.

Второ, заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ но и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со цел да гласаат за уставните измени, а користејќи најниски методи, ЦК го разреши потпретседателот на партијата Митко Јанчев, согласно статутот на партијата тоа го направи со тајно гласање на коешто сите членови на ЦК гласаа тајно и резултатот беше едногласно сите одлучија дека истиот треба да е разрешен. Понатака, го разреши членот на Извршниот комитет Константин Богданов. ЦК заради истите причини побара од матичните општински комитети да поведат дициплинска постапка и да ги исклучат од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Понатака, ЦК побара 8-те пратеници коишто мандатот го добија затоа што беа на листата на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а го изневерија народот како и програмата заради која што се избрани, веднаш да поднесат оставки на своите позиции, затоа што работат спротивно на волјата на граѓаните, рече Николовски

ЦК го повикува Јавното обвинителство  по допрен глас да ги истражи наводите за притисоци, закани, уцени и поткуп на пратеници.

-И на крај, сакаме да ја честитаме новата криминална коалиција во Република Македонија „Зоран Заев-Вице Заев и Сашо Мијалков“. За среќа ВМРО има механизам да се прочисти, да се исчисти и јасно да чекори напред од денес ВМРО-ДПМНЕ чекори напред, свесна за предизвиците коишто доаѓаат, заклучи Николоски.