Николоски од Советот на Европа: Промената на Уставот по бугарски диктат е мешање во внатрешните работи на Македонија и не смее да е услов за почеток на преговори со ЕУ

Во Стразбур се одржува редовната сесија на парламентарното собрание на Советот на Европа, за нас исклучително значајна сесија затоа што на оваа сесија ќе се разговара за европската перспектива на Западниот Балкан од кој што дел е и Македонија, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

  • Во рамки на овој извештај особено ќе ја потенцирам улогата на Македонија, како фактор на демократија и стабилност во целиот регион, но исто така ќе кажам дека Македонија долги години чека да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ. Тоа е неправедно затоа што најпрво Грција ја блокираше Македонија со своето вето да ги отпочне преговорите, а сега тоа го прави Бугарија. Бугарија го прави на најлош можен начин, оспорувајќи го македонскиот национален идентитет, македонската засебност, култура и историја, како и самобитноста и постоењето на македонскиот јазик. Тоа не се европски вредности, тоа не се вредности кои што се делат во Советот на Европа и во ЕУ. Тоа не се вредности кои што се признати во Стразбур и во Брисел. И затоа е многу значајно, целокупната Европа да застане позади Македонија и да поддржи почеток на преговори со ЕУ без никакви дополнителни условувања од страна на Бугарија. Промената на Уставот која што го бара Бугарија и на која што за жал се согласи капитулантската Влада на СДСМ и ДУИ е директно задирање во внатрешните работи на Македонија и не смее да е услов за почеток на преговори со ЕУ, посочи тој.

Николоски потенцира дека секако, тука остануваат и борбата со организираниот криминал и корупција, и воведувањето на функционален систем на владеење на правото.

  • За жал корупцијата е највисока од постоењето на независна Македонија со оваа Влада на СДСМ и ДУИ. Нема сектор каде што нема корупција. За жал економијата тоне, а корупцијата цвета во Македонија. Во рамки на оваа сесија исто така ќе има обраќање на бројни и значајни гости, тука се пред се претседателите на Швајцарската конфедерација, на Ирската Република и претседателот на Украина, Володимир Зеленски. И исто така ќе се разговара за војната агресија која што Русија ја прави врз Украина, како што кажав и за состојбите со европските интеграции на Западниот Балкан. Очекувам плодна сесија на која што ќе направам се да ги одбранам интересите на Македонија, порача тој.
Advertisements