Николоски: Гласавме за амнестија затоа што луѓето се неправедно обвинети од политички причини

Законот за амнестија изгласан со 95 гласови за, без воздржани и против беше тема на дискусија вечерва во Отворено на Алфа со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Тој тврди дека нема никаква разединетост меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои претходно поднесоа своја верзија на закон за амнестија.


-Нема разединетост, ставот на партијата беше дека обвиненијата за 27-ми април се политички конструирани и на такви може само политички одговор да се даде. Најдобар начин да се реши проблемот е преку закон за амнестија. Ние поднесовме и беше одбиен, па власта поднесе своја верзија. Нивниот закон е селективен и не ги опфаќа сите, што сметаме дека е грешка, но како политичка партија сметаме дека е подобро да им се помогне на овие луѓе опфатени со амнестијата сега отколку да не им се помогне, затоа што е факт дека сите тие луѓе, особено од случајот со најмногу обвинети, се неправедно таму и од политчки причини, рече Николоски. 

Според него, кога гледаме како и зошто се изгласаа уставните амандмани, постоел план повеќе од година дена во кој ќе бидат опфатени пратеници за да бидат уценети од власта и да служат за потребите на промена на името.

-Ако го немаше 27-ми април, ќе измислеа нешто друго за да ги стават во заложништво за после да ги стават во непријатна позиција да мора да гласаат за уставните амандмани. Не ги оправдувам луѓето кои гласаа за измените и промена на името, сметам дека тоа е грешка и дека ќе им тежи, но во исто време не можам да ги оправдам методите на власта низ поигрување со човечки судбини и унитшување на кариери, семејства и луѓе да стигне до потребната бројка од пратеници, додаде тој.

Ова само зборува со какви бескрупулозни луѓе имаме работа“, заклучи Николоски.