Николоски: Во врвот на СДСМ и ДУИ скоро и да нема политичар кој не е корумпиран
Во врвот на СДСМ и ДУИ скоро и да нема политичар кој не е корупмиран, па поради тоа, тие нема да издржат и да го дотераат мандатот до крај, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за Република.
Тој додава оти власта се распаѓа на дневна основа, а за тоа доказ се истражувањата на јавното мислење, во кои опозицијата има значајно водство.
- „Македонија е во голема политичка криза и поларизација и единствениот начин да се излезе од сето ова се брзи избори на кои граѓаните ќе кажат кој треба да ја води државата и кон каде треба да се движи Македонија. Дали треба да се движи кон продолжување на кримининалот и корупцијата во врвот на власта, или треба да се движи кон воспоставање на една силна битка со криминалот и корупцијата и воспоставување на правна држава. Тоа се двата концепта кои ќе се судрат на избори кои верувам дека ќе се случат час поскоро.“ – Вели тој.
Во интервјуто Николоски се осврна и на уставните измени, за кои потсетува дека францускиот предлог пристигна во Скопје пред една година, и додава дека власта за тоа време не престана да лаже оти имале 80 пратеници за да ги спроведат уставните измени.
- „Само уште името, само уште знамето, па Уставот, па Договорот за добрососедство со Бугарија. На луѓето животот им помина во „само уште ова“. Што е доста доста е, мора да се стави точка. Сите сме свесни дека Македонија нема намера да стави точка и затоа ние треба да ја ставиме точката за еднаш за секогаш да се знае дека попуштање нема.“ – Смета тој.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека можеме да се доведеме на секои шест месеци да бидеме блокирани од Бугарија ако се толкува работата на историската комисија и смета дека единственото решение се цврсти гаранции оти Бугарија ќе ја напушти политиката на вето.
Никола Цветкоски