Николоски: Билет во еден правец за зима без доволно храна и електрична енергија

Владата нема јасна стратегија како да се справи со енергетската криза – обвинува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Прашува дали СДСМ и ДУИ размислуваат да обезбедат доволно храна и енергија за претстојната зима. Предупредува дека цените на струјата се повисоки од најпесимистичките сценарија, за граѓаните се двојно зголемени, а за стопанството 5 до 6 пати.

„Ако одредена компанија до лани за истиот период плаќала по 10 000 евра за струја, оваа година плаќа 50 000 евра. Тоа е карта во еден правец за уништување на и онака кревката македонска економија, и десетици илјади луѓе без работа. Сценарио од деведесетите на кое постарите генерации се сеќаваат. Дополнително е товарот врз буџетите на општините и на државата со енормното зголемување на сметките“ – вели Николоски..

Не е само превисоката цена на струјата. Николоски обвинува дека Владата не прави ништо ниту да го заузда поскапувањето на храната, а немала јасна стратегија ниту за парното греење во Скопје – дали воопшто ќе го има и по која цена. Смета дека Македонија имала доволно капацитет да ја произведе речиси целата електрична енергија што ја троши, но тоа не се правело, затоа што, според него, власта сакала да ја искористи енергетската криза за криминал и лични интереси.

„Тие кои ќе останат на улица ќе немаат пари да ја платат електричната енергија која ја користат дома како и да преживеат од први до први што може да доведе до сериозен колапс на цела држава. Сето ова е пред нас и никој не може да каже дека не го гледа. Неработата и криминалот со  години нананзад  и терањето само т.н. високи политики може да ја донесе Македонија до колапс“ – потенцира николоски.

Николоски финишира со предупредувањето дека во Македонија ќе нема доволно храна и енергија кои граѓаните и фирмите ќе можат да ги платат. Алармира дека следува тешка зима која како цунами може да уништи се што со децении се градело на економски план.

Тања Попова