Николоски: Без соодветни реформи, Македонија и со променето име, нема да добие датум за преговори со ЕУ во 2019

И со промена на името,  интеграцијата во Европската Унија е далечен сон. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски, во интервју за весникот Независен, предупредува дека Македонија во јуни 2019 година нема да добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ ако продолжи со слабото темпо на имплементација на реформите. Според него, реформите кои засега се само на лист хартија се далеку од реализација и се главна кочница за влез во европското семејство.

– Сакам да остане запишано дека седум месеци порано предупредувам дека ако продолжи вака Македонија со ниско ниво на реформи, иако со променето име во Северна, понижена и ставена на колена, пак нема да добие датум за почеток на преговори во јуни 2019. Ќе бидам најсреќен доколку владата и Заев ме демантираат со својата работа и ова не се случи. Тоа ќе е добро за Македонија. Но како што сега стојат работите – многу тешко, вели Николоски

Според него промената на името нема да ја подобри ниту лошата економска состојба во државата која не само што не одела напред туку и назадувала. Тој предупредува дека помалите банки би можеле да банкротираат поради новите даноци на депозити кои ги воведува Владата. Јавно апелира до власта да го повлече својот предлог за зголемување на даноци и воведување нови и вели, доколку не се стори тоа, на следните парламентарни избори ВМРО, со формирање на нова влада, ќе ги укинеле на првата седница.

– Со воведување на нов данок на каматите на депозитите во банки се очекува да се створи негативен ефект кај штедачите. Каматите на депозити особено ако се девизни и сега се многу ниски и се под еден процент, што не ја покрива ни годишната инфлација, ако на тоа сега се додаде и данокот од 15 проценти, како и нестабилната политичка состојба очекувано е голем дел од граѓаните да ги повлечат своите депозити од банките, вели Николоски

Тој се навраќа и на ветувањата на Владата на СДСМ во предизборниот период.  Тоа се 500 евра просечна плата, правда за сите, подобро здравство, образование, социјална заштита и попријатен живот. Она што се случувало сега било целосна спротивност на тоа и излишно било да се трошат зборови. Смета дека политиките на Владата воделе само кон две нешта – иселување од државата и стимулирање на сивата економија. Двете погубни за иднината на Македонија.

Македонија немала јасен правец и иднина каде оди. Ветувањата дека промената на името е магично стапче кое ќе реши сè, паѓале и на крај ќе резултирале само со тоа да државата да има ново име, но ништо да не се подобри, што дополнително ќе ги зголемело фрустрациите кај народот.