Никола Димитров и Никола Попоски, подготвуваат Конзервативна партија?

Се подготвува ли терен за формирање на нова партија на политичката сцена со специјална задача – „рушење“ на ВМРО-ДПМНЕ однадвор? Алфа дознава дека се „крои“ Конзервативна партија која ќе треба на своето конто да ги привлече членовите на опозициската партија кои размислуваат прозападно. Како клучни играчи во целата операција се споменуваат имињата на Министерот за надворешни Никола Димитров и пратеникот Никола Поповски кои би требало да го истуркаат целиот процес. Двајцата, актуелен и поранешен шеф на дипломатија, ја гледале својата шанса поради дипломатското искуство и угледот кој го стекнале низ годините во односите со меѓународните претставници дека ќе ја добијат поддршка од Западот и за овој проект, велат нашите извори.
Дали се подготвува нова партија, но и постои ли потреба за нова политичка струја ориентирана прозападно, се обидовме да добиеме одговор од актерите кои директно се споменуваат. Но ниту Поповски ниту Димитров не одговорија на нашите повици.

Доколку се реализира ваквата идеја, новата партија би била директен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ. Но колку и сериозен, одговорот би бил познат веќе на претседателските избори, кои треба да ја дадат сликата за моменталната доверба на опозицијата кај граѓаните.
Анкетите говорат дека во пресрет на изборите напролет расте поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кој според проценките би можел да биде комотен со освоени околу 400 илјади гласови. Во таков случај ваквата иницијатива би се покажала како безпредметна, што не би било првпат со оглед на обидите од изминатите години во ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку сега актуелниот шеф на дипломатијата својата дипломатска кариера ја изгради како дел од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога беше амбасадор во Вашингтон и главен преговарач за името. Доби понуда за амбасадорско место и во Москва, но ја одби поради ангажманот во организација во Хаг. Никола Поповски пак во 2010 година беше именуван за амбасадор на Македонија во мисијата на ЕУ во Брисел. А од 2011-та до 2017 и прв човек на министерството за надворешни работи.

Ивана Соколовиќ Најдова