Никако да се реши проблемот со бедомните кучиња во главниот град

Скопје се соочува со сериозен проблем со бездомните кучиња. Надлежните велат дека реално и не можат трајно да го решат зашто функционираат по принципот залови – стерилизирај – пушти односно дека по третирањето ги враќаат на истата локација од каде ги зеле.

Никако да се реши проблемот со бедомните кучиња во главниот град. Дел од граѓаните велат дека со страв минуваат низ одредени маала каде кучињата ги има во поголем број.

  • Страшно. Има еден куп, а Градот не прави ништо за проблемот да го реши. Катастрофа, кучиња колку сакаш, институциите не прават ништо за нас граѓаните, па чекаш да прават за кучињата-скитници, се жалат граѓаните пред нашата камера.

Иако програмата на Град Скопје за овој проблем предвидуваше долгорочно решение, тоа како да е ставено во втор план, реагираат скопјани.

  • Јас можам да ви кажам дека никој ништо не презема. Еве вие како новинари повеќе шетате од мене и гледате и сами што се се случува, сведоци сте на се. Јас велам дека случаи има многу и тврдам дека глутниците спијат во текот на денот, и после пладне па и на вечер, бесните кучиња се пуштаат кон случајни минувачи, велат граѓаните пред камерата на Алфа.

Од стационарот „Лајка“ за Алфа велат дека проблем има, и дека и тие тешко дека ќе можат конечно да го решат. Новата директорка Радмила Пешевска која цел живот води грижа токму за бездомните кучиња вели дека тие функционираат по принципот залови – стерилизирај – пушти, односно дека откако ќе ги третираат ги враќаат кучињата на истата локација.

  • Јас можам да кажам дека, за жал, „Лајка“ како јавно претпријатие воопшто не го допира и нема никаква контрола врз изворот на прблемот. Треба посилна законска регулатива, пред се треба нејзина имплементација, меѓутоа упорно проблемот се маргинализира, и сега сите од „Лајка“ чекаат овој проблем да го реши. Еве јас пак ќе кажам: Јавното претпријатие „Лајка“ не може тоа да го реши дефинитивно, овој проблем можеме само да го амортизираме, вели меѓу другото за Алфа директорка на „Лајка“ Радмила Пешевска.

Јавноста постојано реагира дека проблемот со кучињата-скитници во метрополата тешко дека целосно би се решил. Проблемот со кучињата скитници, освен во главниот град, останува хроничен и во повеќе други општини низ Македонија.

Борис Грујоски

Advertisements