Низа пропусти во притворот – намерни или ненамерни?

Како е возможно да се дозволи поранешни функционери да не бидат обезбедени соодветно во притворско оделение, каде се и лица обвинети за Диво насеље? Особено е чудно што прво бил нападнат Ристовски, а еден час подоцна Јанакиески- а меѓу двата инциденти не се направило ништо од затворските чувари. Каде биле тие? Постои ли надворешно нарачана стратегија? Зошто се случиле пропустите, особено ако се знае дека за време на претходниот притвор, Јанакиески бил заедно со истите лица од „Диво Насеље“.

На сите овие дилеми, денеска директорот на Управата за извршување на санкции под кого се сите затвори во државата, Јовица Стојановиќ , за Алфа само рече дека уште истражувале што се случило, сакале да се прецизни оти ова било сериозно.

Директорот на Шутка пак, кој најави оставка, со неверојатна сигурност зборуваше за тоа кој го испровоцирал инцидентот, ама со видлива несигурност за напаѓачите.

Зошто судијата кој ја изрекол мерката притвор за Јанакиески и Ристовски не нагласил каква безбедност е неопходна за овие лица?

-Тежината секогаш паѓала и треба да падне на судијата, тој е најодговорниот во конкретната ситуација. Претходно и обвинителот оти он ги дава предлозите за притвор. Спецификата дека се одлучува за притвор на поранешни функционери, бара сериозно да се пристапи на сите ризици, што според мене како долгогодишен судија- едно време на истрага, не е направено, вели за Алфа судијата Владимир Панчевски.

Кои и да се причините , состојбата сега повлекува повисока одговорност отколку само оставката на директорот на затворот вели Панчевски.

-Тоа е истовремено и системска грешка што влече и хиерархиска одговорност, на оние кои го раководат министерството за правда Управата за извршување санкции, но најповеќе судот, бидејќи и претседателот на кривичниот суд согласно законот има ингеренции во врска со притворските услови и состојбите, а ваквата состојба требале и биле должни да ја предвидат, нагласува Панчевски.

Откако двајцата завршија во болница, дури денеска од затворот ги засилиле чуварските служби а Јанакиески и Ристовски биле префрлени во други одделенија, по одлука на Котевски.

Задоцнета реакција дури денеска и од судот. За да си ги оправдаат личните пропусти, судија на претходна постапка донел наредба поранешните министри да бидат префрлени во други затвори.

-Основниот суд Скопје 1 – Скопје ќе се обрати до Управата за извршување санкци со барање да изврши анализа и да предложи други Казнено поправни установи во земјата кои имаат соодветни услови за одредени притвореници кои сметаат дека не се безбедни во Затворот –

Скопје,  да се префлрат во тие установи се до истек, промена или укинување на определната мерка притвор, се вели во соопштението од Кривичен.

Јанакиески и Ристовски завршија во притвор откако тоа го побара обвинителството на основа на докази за кои тврдат дека ги поседуваат. Конкретно Русковска се објаснуваше пред новинарите дека притворот го побарале како мерка претпазливост оти двајцата можеле да избегаат или да влијаат на сведоци.  

Инцидентот во Шутка го истражува и народниот правобранител.

Искра Коровешовска