Ние ќе менуваме учебници, Бугарите незадоволни: Ако не се имплементира договорот, ќе има непријатни последици

Имаме две години да ги промениме учебниците по историја, како што ни договорила историската комисија со Бугарија, соопшти вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Она што го договори комисијата се поклопува со протоколот, кој власта сакаше да го продаде дека не бил проблематичен, а сепак во него имаме прецизни рокови, кои мораме да ги испочитуваме ако не сакаме нови бугарски блокади.

-Владите имаат обврска во рок од две години откако се постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат. Секако тоа оди во фази и оди низ работа на институциите. Она што е задача на комисијата е да утврди точки и наратив, текстови за заедничко чествување и за евентуална корекција во учебниците. Притоа да не заборавиме тој текст кој е објавен имаат подеднакво обврска и Македонија и Бугарија да ги имплементираат во својот систем и тоа функционира на принцип на реципроцитет, односно важечко е ако и двете страни ги имплементираат, изјави Маричиќ.

И покрај најавата кај нас дека ќе ги минуваме учебниците, со цел задоволување на Бугарите, од официјална Софија сепак порака дека не се задоволни. Директно од потпретседателот на бугарскиот дел од историската комисија. Вели договорот не се исполнувал, а тоа можело да доведе до непријатни последици.

-Тогаш веќе должност на другата страна е да каже дека – еве тука не се имплементирани решенијата на Меѓувладината комисија, што значи дека Договорот не се исполнува. Така, би следувале непријатни последици за имплементирањето на Договорот, што пак си носи други последици, вели Кајчев.

Услов за напредок кон ЕУ се и уставните измени, со кои Бугарите би влегле во нашиот устав. Има ли власта двотретинскомнозинство? На поканата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, уставните измени веднаш да влезат во Собранието, Маричиќ вели, да почекаме имало време, кога пратениците ќе одлучуваат за тоа, одговор немаше. Околу оптимизмот на премиерот Ковачевски и Али Ахмети за брзо членство и напредување кон ЕУ, Маричиќ кажа дека и тој бил оптимист, сме морале сами да го кревме оптимизмот. Но, за датум и година кога би биле членка на ЕУ, не сакаше да зборува.

Матеја Петровски