„Ние сме Европа“: СДСМ со државни пари си почна партиска кампања, за Ковачевски немало ништо спорно

„Ние сме Европа“, наместо да биде трибина каде ќе се промовираат придобивките од членството во ЕУ, стана влез во предизборната кампања на СДСМ. И според премиерот Димитар Ковачевски тука немало ништо чудно. Нормално било државните ресурси да се користат за тој и неговата партија да се фалат со како што самите ги нарекуваат успесите, во моменти додека рејтингот им е во слободен пад.
Според него не било чудно што првите минути од говорот речиси воопшто и да не ја спомена Европската Унија, туку говореше како растеле платите, во период кога професорите се закануваат со штрајк, а растеле и пензиите, во ускиву кога пензионерите секој ден се на улица, барајќи подобар живот.
-Се работи токму за тоа како што е насловот, да се приближи и да се има директен контакт со граѓаните. Меѓутоа и со стопанството. Вчера гледавте дека имаше претставник на компании од стопанските комори, кои што исто така говореа. Така да, ова е дел од ова што е, значи приближување на европските вредности, на европските интеграции до граѓаните. изборната кампања ќе биде идната година, на која што како кажав вчера ќе победи СДСМ претседателот на СДСМ и коалицијата, изјави Ковачевски.
Ковачевски ги пофали и организаторите на вчерашната трибина, велејќи дека била организирана на високо ниво, бидејќи тој како премиер бил присутен таму. Останува да видиме како ќе биде организирана следната во Струмица каде што нема да го гледаме Ковачевски.
-Трибината беше навистина организирана на високо ниво со оглед на тоа дека јас говорев, меѓутоа на следната трибина ќе говори некој друг, која што ќе биде во Струмица. Вчера беше тема економија на која што требаше да се покажат и јас ги кажав разликите од една држава која што беше според сите страндарди изолирана, во однос на она што го имаме денес. И разликите се очигледни, изјави Ковачевски.
Инаку, за кампањата „Ние сме Европа“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, издвоени се 80.000 евра пари на граѓаните, а целта е луѓето да им се претстават придобивките од евентуално члество во ЕУ. Сепак, според она што можевме да го видиме на првата трибина, очигледно таа ќе биде влез во предизборна кампања, каде власта своите партиски трибини, почна да ги финансира со државни пари.
Матеја Петровски