Не ја научивме лекцијата ниту по ланските катастрофални пожари – Владата не инвестира во опрема

Ја научи ли Македонија лекцијата од лани кога ужасните пожари за малку ќе ги уништеа Кочани, Берово и Делчево, а пеплосаа речиси 50 квадратни километри шума? И ЦУК – Центар за управување со кризи и ДЗС – Дирекција за заштита и спасување, уверуваа дека Македонија е спремна да се соочи со новите пожари, но по една година државата не вложи речиси ниту денар за да се обноват постојните возила и опремата за гаснење на пожари. Во моментов Македонија има на располагање само еден авион канадер кој едвај го поправија и евентуално два хеликоптери кои не летаат ноќе и на високи температури. Добро упатените велат и да можеа сите три канадери да се стават во функција ќе требаат девет пилоти, додека во моментов има само тројца. Околу ова, директорот на Центарот за управување со кризи и првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, се со спротивни изјави.

И сите специјализирани авиони да се во фунција, има недостаток на пилоти? Апсолутно сте во право бидејќи секое матерјално техничко средство треба да го користи човек, почнувајќи од авионите, хеликоптерите, па до една обична цистерна, треба вешт возач кој што ќе знае да ја однесе онаму каде што е неопходно, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК

Од друга страна директорот на ДЗС тврди дека пилоти имаме

Не знам од каде ви е информацијата дека немаме пилоти. Пилоти имаме. Дел од пилотите завршија обука, а другиот дел од пилотите ќе го завршат до крајот на годината тоа што беше отворено како постапка веќе две години. Да не заборавиме дека имавме ситуација со корона, кога година ипол беше се затворено, и за време на тој период тие не можеа да го завршат тоа што им беше започнато, изјави Беким Максути, директор на ДЗС

Не се само авионите и хеликоптерите, во изминатата година не е набавено ниту едно возило кое може да се справува со пожари од поголем размер и на непристапен терен. Дека опремата е стара последен аларм испратија тетовските пожарникари кои се пожалија дека немаат услови за работа. Инаку Македонија според минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици има недостиг од пожарникари речиси во сите градови.

Бојана Златкова

Поврзани вести