Не се знае кога ќе стартува мерката за субвенции за вградување на плински уреди во колите

Се уште не се знае од кога ќе почне субвенционирањето на вградување на плински уреди во колите, дали на есен или од 2020-та година. Од министерството за финансии нема конкретен одговор дали со ребалансот на буџетот ќе се одвојат пари и за ваква помош.Напоменаа дека прекројување на државната каса ќе има наесен, но не и дали поради слабата реализација на капиталните инвестиции, парите за изградба на клучни проекти ќе се пренасочат за оваа намена.

„Ребалансот е планиран за септември или октомври, за процесот јавноста ќе биде транспарентно и навремено информирана“ – велат од министерството за финансии.

За вградување на плински уреди во возилата, државата ќе субвенционира 50% од вкупната сума, но не повеќе од 300 евра. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека веќе побарале околу 20 милиони денари од финансии и дека предложиле мерката да важи ретроактивно од 1 јануари 2019 година. Ова беше предизборно ветување кое требаше да стартува од почетокот на годинава. Бектеши најави и дека Владата од догодина ќе субвенционира купување на нови или стари коли, но со најмалку ЕУРО 5 стандард. Треба да се покријат 20 до 30% од вредноста на возилото, кое не треба да биде поскапо од 12 илјади евра. Јавноста е скептична бидејќи граѓаните во изминатите неколку години главно купуваа стари коли до 7 илјади евра, па и сега сметаат дека ќар ќе имаат само побогатите.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, алармираше дека Владата намерно не ги реализира капиталните инвестиции, за парите што ќе останат да ги употреби за разни трансфери до гласачите, но не за разни мерки за помош на граѓаните. Тој предупреди дека ако владата продолжи со ова темпо, се заканува опасност од банкрот поради големиот број на задолжувања. Во последните извештаи, Европската Комисија и Светска банка и препорачаа на Владата дека и треба поамбициозна фискална консолидација, да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции. Лани тие завршија на катастрофално ниско ниво од 65%, а годинава се случува истото, односно реализирани се само 20% за 6 месеци.

Тања Попова