Не помина Законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, бил неприфатлив за власта

Со 25 „за“ и 59“ против, владејачкото мнозинство не го поддржа Законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше неселективна правда за сите инволвирани во собраниските настани. За Опозицијата нивниот предлог е во насока на вистинско национално помирување, а не соработката на власта во оваа насока е доказ премиерот неговата агенда ќе ја тера преку телото за помирување, велат од  пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Со овој предлог закон за амнестија се опфатени сите лица, кои што се дел од 27-ми април односно оние лица за кои што веќе има донесено првостепена судска одлука, но овие лица се уште ја немаат добиено одлуката од суд иако таа пред 4 месеци беше прочитана во рамки на судот но се уште не е доставена до лицата кои што им се судеше обид за убиство на пратеникот Села. Доколку Зоран Заев и парламентарното мнозинство навистина и искрено сакаат национално помирување како тоа што беше напоменато токму од оваа говорница тоа можат да го направат со поддршка на овој закон за амнестија. Овој закон предвидува вистинско национално помирување за сите оние кои што учествувале во настаните за 27-ми април, a не селективно помирување како што сакаат да направат премиерот Зоран Заев и парламентарното мнозинство преку т.н. Комисија за помирување, посочи Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за амнестија на опозицијата денеска воопшто не беше ставен ниту на дневен ред на собраниската седницата, бидејќи самото барање истиот да се гласа по скратена постапка беше отфрлен.

За власта законот на ВМРО-ДПМНЕ не бил прифатлив, ама не откриваат на што би се согласиле во насока на помирувањето. Ставот им бил јаен дека одговорност морало да има. Претходно Законот доби и негативно мислење од Владата, од каде се правдаа дека истиот бил преопширен.

Токму ова законско решение со кое опозицијата бараше сите обвинети, осудени за ланскиот 27 април да бидат ослободени од обвинувањата за терористичко загрозување на уставниот поредок беше и услов за нивно вклучување во собраниското тело за помирување.

Ивана Соколовиќ Најдова