Не може да има Комисија за Димовски без да се види дали некој прислушкувал, додека Џафери го чека извештајот ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност 

Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност е суспендирана и седница ќе одржи откако МВР ќе го достави извештајот за безбедносниот пропуст. Спикерот Талат Џафери тврди дека нема услови Комисијата да продолжи со работа, додека не се утврди која е причината или кој е виновен за безбедносниот скандал кога на собранискиот јутуб канал тонски се слушна отчетот на директорот на АНБ Виктор Димовски. За оваа Комисија се правда Џафери нема услови за одржување, но за друга итна седница од безбедносен карактер имало.

  • Мора да знаеме како се случи тоа. Дали е случајно, дали е човечка грешка, дали некој прислушкувал. Тоа МВР ќе си утврди, го чекаме нивниот извештај. Ние како Собрание немаме можност да направиме таков стручен надзор“ – рече Џафери на брифинг со новинарите. 

Виктор Димовски со отчет и пред владините функционери. Директорот реферира за случајот „Онишченко“, со оглед на тоа дека Агенцијата издала одобрение по безбедносната проверка иако се покажа дека Украинецот бил заглавен во корупција и во судир со законот во татковината, а е впишан и на американската црна листа.

Во истовреме, опозицијата бара оставки и од Димовски и првиот човек на МВР, Оливер Спасовски бидејќи податоците за новиот државјанин на Македонија морале да бидат проверени од интитуциите. Од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека пропустите кои ги направиле и агенцијата и министерството за внатрешни се недозволиви и бараат пасошот на Онишченко да биде одземен.

  • Виктор Димовски и Оливер Спасовски треба да понесат одговорност за давањето на Македонско државјанство на белосветскиот криминалец – Украинецот Онишченко, кој е на црна листа на САД, а по кој официјално трага и Украина.Никакви суспензии на службеници не може да ја тргнат вината од Спасовски и Димовски. Покрај тоа што Онишченко е на црна листа на САД, тој е и лице по кое има потерница од страна на Украина, имено на веб сајтот на МВР на Украина стои името и податоците токму  на ова лице“ – вели Николоски.

Скандалот со издавањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец Александар Онишченко со денови до темел ја тресе Агенцијата за национална безбедност. Во јавноста се појави и документ од доверлив карактер од ноември минатата година, каде Секторот за спротивставување на тероризам и насилен екстремизам на АНБ  го информира одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар дека тие не располагаат со материјали од противиставен и криминално штетен карактер за Онишченко. Потписот е на Јовче Ременски, а поради безбедносниот карактер на документот, во случајот ќе треба да постапува и Обвинителството. Од друга страна, битката за наследник на Димовски во АНБ е јавна тајна со оглед на тоа дека тој има зелено светло да замине како амбасадор во Париз.

Викторија Миткова

Advertisements