Ценкањето кај Бесими донесе лек за уште 18 пациенти со цистична фиброза, болните го бараат за сите
„Не диши, имаме други приоритети“, „Сакаме лек, не комодитет“ ова беа дел од пораките на болните од цистична фиброза кои повторно излегоа на протест. Овој пат незадоволството го искажаа пред министертсвото за финанси. Од Асоцијацијата инсистираат да има континуирана програма за набавка на лекот Трикафта,а не еднократно и со интервенен увоз. Од финансии добиле ветување дека лекот ќе биде обезбеден за уште 18 пацинети кои се во средна и тешка здравствена состојба. А за останатите стотина кои се борат со болеста имало пари за лекот ама не се знае дали ќе биде обезбеден.
„Зборувавме со секторот за буџетирање. Ги кажавме нашите барања, а тоа се да се најде системско решение за лекот за да нема застој и тој да се обезбеди за сите 80 пациенти. Од нивна страна добивме дека на 25 април со одлука на Владата поминало дека ќе се покријат тие што се во тешка и во средна состојба. Имаат некоја процена дека тоа се плус 18 пациенти, покрај овие 12 што веќе примаат. На 10 мај треба официјално да ја потврдат таа одлука и да продолжат со преговори со компанијата за да се донесе лекот„ – вели Гаспар.
Од Асоцијацијата велат дека борбата за Трикафта продолжува се додека не се обезбеди лекот за сите пацинети.
“Нашата битка ќе продолжи се додека и последниот пациент не добие лек и да се подразбира сите новозаболени да си ја добиваат терапијата без вакви борби и протести“, рече Атанасоска.
Досега Трикафта примија 12 пациенти и кај сите нив има значително подобрување на здравствената состојба и имаат поквалитетен живот.
Од Министерството за здравство изминатиот период неколку пати најавија дека работат на обезбедување на Трикафта за сите кои имаат потреба од лекот, но не соопштуваат до каде е постапката и кога ќе го добијат и други пациенти.
За да може оваа терапија да се купува директно од производителот беа направени и законски измени, а надлежните се заинтересираа за болните од цистична фиброза откако во февруари почина пациент чекајќи државата да му го набави лекот.
Ања Лукарова