Не бил виновен синот на Назим Буши: Сигурно не возел тој, ама кој неовластено возел со полициски флешери МВР се уште не знае

Синот на заменик министерот за внатрешни работи не е виновен, друг неовластено користел полициски флешери, ама кој е тој се уште не се знае или барем полицијата не открива. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски категорично порача дека веќе било утврдено, дека не е можно да возел синот на неговиот заменик и висок функционер во ДУИ, Назим Буши.

-Денеска го утврдуваат колегите тоа да видиме кој возел, бидејќи тој што пријавува не кажува кој вози, ниту има било какво сознание го утврдуваме преку други механизми. Штом ќе излезат колегите со детални информации ќе пратиме соопштение. (ЗНАЧИ МОЖНО Е ДА Е СИНОТ НА НАЗИМ БУШИ?) Не е можно, тоа е утврдено, изјави Спасовски.

Полицијата очигледно ги има сите информации освен кој возел, иако од овој инцидент минаа веќе три дена. МВР се уште не знаеле, кој нелегално управувал возило со полициски флешери, иако бил обезбеден и видео материјал од настанот.

-Ги обезбедија колегите сите снимки, кои што ги имаме и од ЦИКСОТ и од другите можности за да дојдеме до информации, до податоци, изјави Спасовски.

Разрешница на случајот нема се уште, иако Спасовски најави дека ќе имало вчера. Сомнежи дека нешто се крие во овој случај, фрла и тоа дека не беше објавен во дневниот полициски билтен, иако вакви случаи таму редовно се објавуваат. Во МВР откриле и дека не станувало збор за возило во државната сопственост, туку било на приватна фирма.

-Се утврди патничко моторно возило Мерцедес, кое што не е сопственост на СОЗР, не е сопственост на МВР и не е сопственост на било кој државен орган, туку е приватна сопственост на правно лице, на приватно правно лице кое што се движело во тој период и според нашите сознанија се упатило некаде во болницата Систина, изјави Спасовски.

Инаку, во медиумите беше објавено дека човекот кој возел е синот на вториот човек во МВР, кој иако добил сигнализација да застане, не застанал пред полициските службеници. Патролата повикала засилување, а бркотницата завршина на Качанички пат во Визбегово, а застанатиот по кратко време бил пуштен со образложение дека станува збор на возило на СОЗР.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести