Нејасни идните планови на здравствените власти за јавно-приватните партнерства

По осум месеци од споделените идеи на власта за јавно-приватно партнерство во државните болници, останува непознато што точно во пракса би значеле истите за здравствениот систем, но и за граѓаните. По најавите дека постои веројатност да се затвораат државни болници за сметка на приватните, кои здравствените власти, по лошите реакции во јавноста, ги демантираа, иако ги сподели лично премиерот Заев, ваквите проекти како да се на „стенд-бај“.

Дел од нарачаните физибилите студии што треба да ги оправдаат владините идеи ги „пробија“ сите рокови за изработка и сè уште не се готови, дел пак, тврди првиот човек на здравството се финиширани, ама јавноста ќе ја почека нивната презентација, бидејќи сè уште има неразјаснети прашања. Засега, останува непознато и колку народни пари се трошат за ваквите студии.

На Филипче не му се допаѓа тоа што ваквите партнерства во јавноста се толкуваат како идна приватизација на јавното здравство, па вели, тоа е само начин како државата да ги сподели ризиците и трошоците со приватници.

За плановите, ветува Филипче, откако ќе бидат објавени физибилити студиите, ќе се дебатира и со Синдикатот на клинички, со кого, тврди министерот, добро соработува.

Од Синдикатот за Алфа велат дека веќе шест месеци, немаат никаква комуникација, и оти непознати им се конкретните планови на властите за здравството.

А додека преку анализи се крои иднината на државните болници, огромен е проблемот од одлив на бели мантили од земјава. Засега, според Филипче, има вкупно 1600 вработени, поголем број, средно медицински персонал, што чекаат вработување, а се ангажирани со договор на дело.

Сања Трајковска Ставров