„Нефа мебел“ преку ноќ ги затвори продавниците во Македонија, купувачите останаа без платените производи

Преку ноќ и без никаква најава, Српско-руската фирма „Нефа мебел“ ги затвори сите продавници во Македонија, а стотици купувачи се жалат дека останале без можност да ги добијат однапред платените нарачки.

Фирмата имаше три продавници само во Скопје, но и во Тетово, Гостивар, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им помогнат како да ги добијат нарачките.

Штандови нема ниту во еден од најголемите трговски Центри во Скопје. Околните дуќани ни кажаа дека фирмата заминала под стечај.

Алфа ТВ се обиде да стапи во контакт со фирмата, но сите нејзини претставништва каде отидовме беа затворени, дуќаните беа празни, а телефонските линии се исклучени.
Исто така, избришани се и српската и македонската интернет страница, како и фејсбук-профилите.

Лавина реакции ги преплавија и социјалните мрежи.

– Платив за тросед во салонот на „Нефа“ во ГТЦ. Доплатив 1.500 денари за превоз. Чекав 15 дена и ништо. Ми рекоа да одам во друг салон. Таму продавачот, откако случајно се собравме повеќе незадоволни муштерии, отворено ни рече дека фирмата банкротирала, вели еден од многуте измамени муштерии.

– Бев во сите продавници, а и во скопскиот магацин, тој беше затворен, но продавачите немаат информации дали и кога ќе ни биде испорачан купениот мебел што го плативме со рок за испорака од 35 дена, се жали друг купувач кој не ја добил гарнитурата платена 20.000 денари.

Организацијата за заштита на потрошувачите веќе е запознаена со овој случај.

Од таму за Алфа велат дека граѓаните мора да се обратат до Државниот пазарен инспекторат, и да ангажираат адвокат.

– Со оглед дека е настаната ваква ситуација во која сопствениците затвориле и се во бегство – граѓаните мора да се обратат до Државниот пазарен инспекторат каде ќе ги достават веродостојните документи (доказ за купување и плаќање) и треба да бараат да им одговорат дали се во можност да интервенираат. Договорот се раскинува поради неисполнување на обврската, но оштетените треба да консултираат адвокат заради судска постапка. ОПМ во вакви случаи не може да интервенира, зашто се работи за различни оштетени побарувања, стои во одговорот од Организацијата на потрошувачи на прашањето на Алфа.

Веста дека оваа компанија стави клуч на врата експресно стигна и во соседството. Во Србија на големо се протестира против менаџментот на компанијата.

Максим Максимов, директорот на „Нефа мебел“ во Србија, им кажал на менаџерите дека мора итно да замине во Русија заради технички преглед на автомобилот, по што му се губи секаква трага пренесуваат српските медиуми.

Таму вработените го разграбале останатиот мебел и на тој начин барем делумно си ги надоместиле неисплатените плати. Истото го направиле и муштериите кои решиле барем некако да си ги наплатат парите за неиспорачаниот мебел.

Борис Грујоски