Несреќа на Првомајска: Еден од загинатите возачи имал 16 казни за брзо возење

Трагите од моторно масло и крв на коловозот сведочеа за трагичната сообраќајна несреќа која одзеде два живота во близина на скопската населба Пинтија. Како што граѓаните велат „лудото“ возење во смрт однесе 21 годишно момче и 48 годишен маж. Според неофицијални информации еден од  сега веќе загинатите возачи возел со брзина поголема од 150 километри на час и сакајќи да претекне автомобил директно се судирл со автомобилот од спротивната лената.

За безмалку еден месец на булеварот Борис Трајковски во две сообраќајни несреќи  згаснаа седум животи. Токму тука вчера вечер во тешка сообраќајна несреќа животот го загубија две лица, а на 15-ти минатиот месец во стравична сообраќајка загинаа пет лица.

Денеска сообраќајот на овој дел од булеварот се одвиваше сосем нормално, но проблемот  не претставува возењето во текот на денот, туку она во ноќните часови. Граѓаните од Кисела Вода велат дека секојдневно се сведоци на брзо возење, според нив често за возачите на популарно познатата „Првомајска“ и семафорот не значи ништо во доцните часови.

Како што велат граѓаните потребно е полицијата посериозно да се фати за работа и да има позачестена и построга контрола, посебно кога станува збор за прекорачувањето на дозволената брзина на возење.

Иако граѓаните се жалат дека секојдневно бројот на автомобили кои според нивните зборови возат „лудо“ е доста голем, дневно во просек полицијата напишала само по 2,4 казни за прекумерна брзина. Како што изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нивниот број е 369 за 151 ден.

Според неговите зборови еден од возачите кој учествувал во вчерашната несреќа имал 16 казни од нова година па наваму, но сепак слободно учествувал во сообраќајот.

-Еден од учесниците на оваа сообраќајна несреќа, која за жал заврши со смртни последици, има изречено 16 казни од јануари па се досега, изјави Спасовски.

Брзото возење не претставува проблем само на „Првомајска“, граѓаните секојдневно се сведоци на звуците од брзите автомобили и мотори низ цело Скопје.

Матеја Петровски