НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неофицијално, пожарот во битолскиот затвор бил подметнат, официјално причините уште се енигма

        По вчерашниот пожарот во една од притворските ќелии во битолскиот Затвор, денеска ништо ново од надлежните институции. Во краткиот телефонски разговор, директорот на Установата, Драган Крајовски, за повеќе информации не’ упати во Управата за извршување санкции. „Заради хијерархиската институционална поставеност“, ни рече, тој не смеел да дава никакви информации. Писмено, со прашања се обративме и до Управата. Но и оттаму досега не добивме одговор на нашите прашања: до каде е истрагата, дали има првично осомничени за евентуално подметнување на пожарот и ако има – какви санкции ќе бидат преземени, каде се сместени притворениците во моментов и каква е моментанлната безбедносна состојба во Затворот, како и колку време ќе трае санацијата на опожарената просторија и како тоа ќе се рефлектира врз тековната работа на Казнено-поправната установа?

    Од друга страна, според првичните написи од синоќа, пожарот избувнал во една од ќелиите во кои биле сместени притвореници и првите сомнежи се дека некој намерно го предизвикал. За среќа, огнот брзо бил локализиран, но чадот, преку вентилацијата се проширил и во други простории пришто дел од чуварите, заради вдишување на чад, побарале и лекарска помош. Што се однесува до притворениците пак, според едни информации тие се префрлени во затворите во Охрид и Шутка, а додека според други, само биле преместени во други простории во Затворот. Во битолскиот затвор имало 18 притвореници.

   Во врска со менаџирањето на Затворот пак, а чиј прв човек, истовремено е и претседател на битолската ОО на СДСМ, уште пред речиси еден месец бројни забелешки имаа од ВМРО-ДПМНЕ.

   „Дали тој лично одлучува кој ќе ги користи бенефициите и кој ќе престојува во Отвореното одделение во битолскиот Затвор? Дали е вистина дека дисциплината во Затворот е катастрофална? Дали и натаму го оштетува буџетот на Затворот заради тоа што вработените своите прекувремено одработени часови се принудени да си ги наплаќаат преку суд? Дали е во функција Пречистителната станица во Затворот и дали тоа значи очигледна еколошка катастрофа за Битола и битолско“, – праша Виолета Ковачевиќ, член на ИК УЖ ВМРО-ДПМНЕ (19.06.2023).

    Според најавите во текот на денов треба да се започне со санацијата на оштетените простории и инсталацијата, а истрагата, во која се вклучени МВР и ОЈО, треба да покаже кој е виновникот за настантиот пожар, а во чие гаснење учествувале и две противпожарни возила со шест пожарникари од битолската ТППЕ.

  Инаку, пожарите во клучни државни институции во земјава како да стануваат редовна појава. Вчера, пожар ја пеплоса и судската архива сместена во подрумските простории на кумановскиот Суд.      

   Каролина Дурло