Нема сушење алишта во дворови и тераси во Ѓорче Петров

„Имаме септички јами, неисчистени улици, ѓубре во парковите и поплавени гаражи после минимален дожд – а тие ни забрануваат да сушиме алишта надвор“ –  жителите на Ѓорче Петров бурно реагираат откако Општината ја измени одлуката за комунален ред со што го направи прекршок сушењето алишта во некои делови од приватните домови.

Додека жителите на Ѓорче Петров се соочуваат со проблематична канализација, нефункционални одводи и ископани улици, Општината забрани да се сушат алишта во дворно место со поглед кон плоштад или улица.

На луѓето не им е јасно каде би сушеле алишта ако не на нивните тераси. Општината се уште не ги реши проблемите со дивите депонии, паркираните автомобили на тротоари, минимална сигнализација и уништувањето на парковите со цел градење згради – ама затоа воведе забрана за сушење алишта, која во овој период е тотално непотребна – обвинуваат граѓаните.

Објавувајќи ја новата измена на законот за комунален ред, градоначалникот Александар Наумоски препорача да се почне со поблаги мерки за да може доследно да се спроведуваат прописите, по што наиде на остри критики но и шеги на социјалните мрежи. Повеќето сметаат дека треба да се донесат клучни промени за напредок на општината, а не да бидат приморани да купуваат машини за сушење алишта, кога голем дел од нив живеат со минимални плати.

Адријана Алексиеска