Нема субвенции за купување на возила со повисок еко стандард, ако старите не се однесат на отпад

Нема субвенции за купување половна или нова кола со Еуро 5 и Еуро 6 стандард, ако претходно старото возило не се уништи на отпад. Се излажаа сите граѓани што мислеа дека можат да ги продадат старите и да добијат државна помош за купување на понови коли. Семејствата без возило, не можат да аплицираат за субвенции. Законот за возила веќе е објавен во Службен весник, но подзаконските акти ќе се донесат во септември. Од министерството за економија ќе инсистираат да важи овој услов, старото возило регистрирано не подолго од 6 месеци да се остави во овластен отпад од Министерството за животна средина и да се одјави во МВР. Потоа ќе треба да се купи нова кола до 12 илјади евра и да се аплицира за субвенција. Јавноста смета дека овој услов драстично ќе го намали интересот на граѓаните за оваа мерка. Сопствениците на автоплацеви сметаат дека условите за аплицирање треба детално да се посочат, за мерката да не остане само на хартија.

„Не е доволно само да се донесе некоја мерка. Многу е важен начинот и нејзината имплементација. Да се олесни колку што е можно аплицирањето и добивањето на тие средства, за да стигнат до луѓето на кои навистина им се потребни“ – вели Марјан Николовски од автоплац „Хит ауто“.

Возилата со минимум Еуро 5 еко стандард на автоплацевите чинат од 5 илјади евра, па нагоре. Сепак, над 95% од сите возила на автоплацевите се со понизок стандард и се купуваат за две до 4 илјади евра. Сопствениците на автоплацеви се надеваат дека ако оваа мерка профункционира ќе почнат да увезуваат понови коли и ќе имаат поголема продажба.

„Не само кај нас, на сите плацеви, сумата за купување е од 2,3,4 илјади еврамаксимум, зошто толку можат да си дозволат луѓето. Сите сакаат да земат поново возило и ние скаме да носиме понови коли. Позитивна е мерката, ако успее, ќе биде подобро за сите“ – вели Сашо Ѓоргиевски од автоплацот „Хит ауто“.

Догодина за оваа намена ќе се потрошат 2,2 милиони евра, што значи пари за субвенции ќе има за помалку од 1.000 возила. Министерот за економија Крешник Бектеши очекува дека ако се обезбедат пари со ребалансот на буџетот, мерката да може да стартува и оваа есен. Инаку , во земјава до 2017-та, имало 269 илјади коли произведени пред 2002-та година од вкупно регистрирани 466 илјади возила.

Тања Попова