Нема решение за проблематичниот откуп на јаболка

Овоштарите и министерството за земјоделство ниту денеска на заеднички состанок не најдоа решение за проблемите при откупот на јаболка. Освен ветување од Платежната агенција дека субвенциите ќе ги добијат до крајот на март, производителите на јаболка не издејствуваа речиси ништо. Овоштарите бараат решение да се најде до први март. Во спротивно, 50 илјади тони јаболка ќе скапат во магацините. Во моментов откупната цена по која ги продаваат јаболката е драстично помала од производната.

Интервентната мерка од 3 денари по килограм што заврши на 25 декември нема да се продолжува. Според министерството за земјоделство таа ги дала посакуваните резултати. На каков начин ќе се изменат мерките за помош на производителите ќе се знае дури по претседателските избори.

Овоштарите велат дека Владата мора да помогне во отворање на вратите кон нови пазари. Неопходна е изградба на нови откупни центри и  преработувачки капацитети, за да се обезбеди сигурен пласман на јаболката и да се избегнат вакви проблеми во иднина. Од министерството за земјоделство велат дека прават напори да се најдат купувачи за зголеменото производство на јаболка. Преговараат количините да се пласираат во Египет, но времето  е кратко. Во моментов македонските јаболка најмногу се извезуваат во Русија, Бугарија и Ирак.

Тања Попова