НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема крај на тортурите и рекетот во затворот Идризово-и покрај тоа што институциите влегоа внатре

Нема крај на тортурите и рекетот во затворот Идризово-и покрај тоа што институциите влегоа внатре

Уцените, тортурата и рекетот во Идризово врз затвореници од страна на командирите не престануваат. И покрај тоа што Јанко Јаневски осуденикот кој јавно се охрабри да зборува за заканите во Идризово, повторно бил нападнат од двајца осуденици и му бил одземен мобилниот телефон.

За возврат му биле побарани 6000 денари, а за Алфа тврди дека командирите продолжуваат за пари да организираат и нарачуваат се што сакаат во затворот, па дури и разбојништво. Во однос на неговата функција и делата за кој е осуден, ги повика медиумите да не дефокусираат дали бил поранешен помошник или заменик министер, туку  да поттикнат да се разбие шемата со корупција во затворот.

Покрај Јаневски и Шериф Бајрами кој е осуден за превезување мигранти на 4 години затворска казна, сведочи дека веќе две години откако ја издржува казната,  затворот повеќе личи на зоолошка градина отколку на иституција. Според него таму нема никаква безбедност, а командирите постојано рекетираат. Тој се жали дека тие му ја преполуваат храната што секојдневно му следува, и постојано му барале пари и цигари.

Обвинителството за организиран криминал минатата недела отвори истрага за скандалот со рекетот во затворот. Исто така и министерството за правда заедно со Управата за изврување на санкции направи вондреден надзор и ги сослушаа инволвираните. Командирот тврди дека му давал пари на Јаневски за да овој од затворот му обезбеди подобра позиција во МВР.  Јаневски пак негира и тврди дека подолго време добива закани по неговиот живот и животот на неговото семејство.

Во меѓувреме, Алфа доби повик од затвореник кој исто така обвинува за закани по неговиот живот, но поради безбедносни причини побара да остане анонимен. Тој не излегува од ќелија бидејќи досега неколкупати е напаѓан со нож и стравува за својот живот. Во телефонски разговор за Алфа посочи командири кои наместо да му дадат заштита, тие земале пари за други осуденици да бидат преместувани во неговиот оддел за да го тепаат и да  се изживуваат со него. Неговото семејство се обратило до Министерството за правда и до Народниот правобранител, но залудно.

Шемата со рекет, уцени и закани во Идризово царува подолго време, но досега ниту една институција не потегнала нога да го расчисти криминал. Овојпат охрабрените затвореници кои ги посочуваат командирите што земаат пари се мала светлина до крај да се истражи што прави затворкиот персонал во Идризово.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста