Нема како да се фатат дојавувачите на бомби: Странските ВПН конекции голем проблем за полицијата

Шефот на државата Стево Пендаровски не гледа причина за свикување на Советот за безбедност и покрај тоа што Македонија со дојавите за бомби кои траат повеќе од два месеци е цел на хибридна војна, веројатно од странство, што го потврди и самата Владата. За него институциите си работеле како што треба, без разлика што граѓаните се под секојдневен психички стрес .

-Сметам дека нема потреба да се крева тоа на такво ниво, затоа што од она што го знам, а информиран сум на дневна основа, тие се 24/7 активни во однос на тие закани. Тука постојат два аспекта кривичното гонење на тоа што тие го прават, предизвикуваат паника, страв, стресови кај учениците, кај родителите, кај сите нас, изјави Пендаровски.

А институциите кои според Пендаровски работеле добро, повеќе од два месеци не можат да откријат кои ги праќаат дојавите вадејќи се дека биле праќани преку таканаречени заштитетни ви-пи-ен интернет адреси. Тоа веќе ни го кажа премиерот, а сега ни го повтори и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој пак и се пофали дека веќе имало еден фатен, а тоа е малолетник од Скопје, за дојави кои биле испратени во четири средни училишта на четврти ноември.

Полицијата била блиску да открие и кој ги пратил дојавите во Кавадарци, кои се вкупно десет на број. Значи, МВР е блиску да реши вкупно 14 дојави, од вкупно стотиците кои ги има последниов период.

-Најчесто станува збор за ВПН конекции, во кои што вие не можете да добиете една АЈ-ПИ адреса точна, од каде, туку се појавуваат илјадници АЈ-ПИ адреси во светот од тој провајдер кој што го има. Таму каде што има можност да се утврди ги утврдуваме и таков беше случајот во Скопје, сега сме на пат и сме многу блиску да се расчисти целиот случај во Општина Кавадарци, изјави Спасовски.

Го запрашавме дали ако се регистрираме на странска ВПН адреса и од Владата испратиме дојава за бомба токму во Владата, нема да може да не фати полицијата, министерот кажа дека не можел да одговара на хипотетски прашања.

-(Премиерот пред два дена кажа дека поради тоа што се странски ВПН адреси речиси е невозможно да се дознае кој ги праќа овие дојави за бомби, тоа сега ни го кажавте и вие, па еве сега хипотетски јас ако се регистрирам на ВПН адреса од Швајцарија, тука од Владата пратам дојава за бомба дека има во Владата, дали нема да можете да ме фатите?) Видете на хипотетички прашања не може да се одговоара, вие можете хипотетски да поставите милион тези во државата, пробајте јавно направете го тоа или објавете јавно дека ќе го направите па ќе видиме што ќе се случи, изјави Спасовски.

Овие зборови на власта ни малку не наликуваат на оние од пред 20-тина дена, тогаш и министерот за внатрешни работи и премиерот се фалеа дека знаеле од каде доаѓаат дојавите и дека многу брзо овој проблем ќе биде решен.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста