Нема интерес кај младите за ракувачи со рударски машини

Денеска во јагленокопот “Брод- Гнеотино“ на РЕК “Битола“ седуммина ученици кои завршуваат тригодишното средно образовение како ракувачи со рударски машини во Општинското средно училиште “Таки Даскало“ во Битола, при практичната обука, остануваат со надеж дека ќе бидат вработени. Меѓу нив имаше само една девојка која учи за рударски техничар.

– Што знам, јас уште како помал ги сакав овие машини и сега веќе ми е исполнета желбата – рече Драгенче Досевски.
– Па, добро. Се снаоѓам иако со машки сум во класот, ама добро е – рече Марија Христовска.

За жал, интересот за оваа струка е се помал и во прва и втора година нема запишано ниту еден ученик. Допрва, училиштето ќе прави кампања за оваа струка, а логистиката што ја дава РЕК “Битола“ со облека, храна, превоз и практична едукација, очигледно не е доволна. Згора на се, иако има доволно работни места во РЕК, не постои сигурност дека идните ракувачи со сигурност ќе бидат вработени.

– Ако не се вработуваат во РЕК, се вработуваат во фирмите што работат во РЕК. Значи малку се измешани работите со статутот и примањето на кадар, па законите треба да се сменат. Инаку, точно, колку што завршуваат, има потреба да се вработат – рече професорката Валентина Лесневска.

Малиот интерес за ракувачи со рударски машини има и еколошко- здравствени аспекти, бидејќи термоелектраните и јагленокопите се најголемите аерозагадувачи, опасни по здравјето. Младите од Битола најчесто заминуваат, а секаде во светот е тренд за затворање на јагленокопите.

Петар Стефановски