Нема да има приватни автобуси на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 се до исплата на долгот кон превозниците

Нема да има приватни градски автобуси на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 ако Град Скопје не најде решение за долгот од близу милион евра. Првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски рече дека со месеци не им се исплаќаат пари и не се почитува динамиката која ја договориле на последниот состанок, а тоа е едно евро по километар, како и месечните аванси за неколку месеци наназад. Во знак на револт наместо на улица, автобусите ќе заминат пред Град Скопје.

  • На последната средба во Градот се договоривме да има исплати на секои 15 дена, но тоа не се почитува. Пари од продажба на билети и месечни карти секој ден се собираат, но нас не ни се префрлаат пари. Имаме сомневање дека од тие пари кои всушност се наши пари, ние сме ги сработиле, се плаќаат други обврски на претпријатието. Ние треба да возиме и да даваме пари за гориво од наш џеб, а парите што сме ги сработиле да се даваат на друг, вели Ленин Јовановски од превозникот „Слобода превоз“.

Засега ќе се пуштат возила само за приградските населби, бидејќи таму ЈСП нема автобуси, па ако и тие ги укинат овие граѓаните ќе бидат целосно отсечени од градот, што не сакаат да дојде до сообраќаен хаос.

Сопственикот  на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски изјави дека доколку не се оствари средба со претставници на Град Скопје и градското претпријатие ќе има протести, а ако и натаму нема резултат, приватните превозници најавуваат штрајк.

  • Во опција е и поднесување претставка до Антикорупциската комисија, а можеби и тужба на адреса на директорот на ЈСП за злоупотреба на службена должност, затоа што парите наменети за нас се пренасочуваат на друга страна, изјави Јовановски.

Инаку, на 8 ноември градоначалниката на Скопје Данела Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози, оти Градот му должи пола милион евра.

На 20 октомври, главниот град за прв пат во историјата остана без јавен превоз, зашто не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

Инаку, колапсот во јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста