Нема воз до Белград, а заедно со Србија ќе градиме железничка станица на Табановце?!

Возот на релација Белград – Скопје – Солун е укинат, а Македонија и Србија ќе градат заедничка железничка станица на граница. Граѓаните и бизнисмените гневни, не знаат дали се работи за шега, бидејќи Владата почнува проекти кои ќе завршат за неколку години, а не ги решава актуелните проблеми во транспортот. Компаниите веќе почнаа да ги бројат загубите. Откако од вчера е во прекин железничкиот сообраќај од и кон Грција поради санирање на мост на потегот Градско – Кукуречани, фирмите повеќе немаат како поевтино да ја превезат стоката до солунското пристаниште. Дел од нив, според специфичноста на производите, не можат да користат транспорт со камиони.

„Доколку санацијата се оддолжи, негативни последици ќе имаат пред се` компаниите од металуршкиот сектор кои поради природата на производите не можат во целост да најдат замена за железницата. Не ќе може навремено да се превезе суровината кои компаниите ја набавуваат за производниот процес, а проблем ќе биде и навремената испорака на готовиот производ кој е планиран да се извезе за потребите на клиентите од странство. Нарушувањето на динамиката може да услови и плаќање пенали за задоцнета испорака, со што дополнително се зголемуваат трошоците на компаниите“ – велат од Стопанската комора на Македонија.

Од прекинот во железничкиот сообраќај губи и државата. Директорот на Македонски Железници Транспорт вели дека и нивните штети се огромни поради надоместоците за транзит кои сега не ги плаќаат фирмите. Санацијата на мостот, според најавите ќе трае 20-тина дена.

И додека фирмите ги бројат штетите, Македонија и Србија со 4 и пол милиони евра европски пари, во 2020 година ќе почнат да градат заеднички железнички премин на Табановце што треба да го намали времето на патување со воз. Се уште не се знае дали до 2024 година кога ќе заврши проектот, линијата Белград – Солун се уште ќе биде неисплатлива за возот да сообраќа цела година.

Тања Попова