Нема веќе последно ѕвонче на 10 јуни – измени во Законот за основно образование

Наместо традиционално како и досега на 10 јуни, училишното ѕвонче во иднина крајот на школската година ќе го означува неколку дена подоцна. Од Министерството за образование децидни – сите пропуштени наставни денови немало да се одработуваат во сабота оти ова, како што велат, се покажало како непродуктивно. Од септември неработните денови ќе се одработат на крајот од учебната година. Ова е содржано во новиот Нацрт закон за основно образование кој до крајот на летово ќе треба да го мине собранискиот филтер.

Новиот закон предвидува и намалување на бројот на ученици во една паралелка – најмногу 30 деца ќе може да учат во исто одделение. За вишокот ученици ќе се формираат нови паралелки и ќе се вработат нови наставници. Ова, пак отвора сомнеж за нови партиски вработувања пред стартот на следната учебна година. Министерот вели и дека, Владата ќе се залага сите ученици со посебни потреби да добијат место во редовното образование. За нив ќе се грижат стручни лица.

Инаку, надлежните се уште немаат информации колку деца ќе останат дома поради забраната во училиште да се запишат оние кои не ја примиле МРП вакцината. Минатиот месец, во екот на уписите во основно училиште, надлежните дозволија училиштата да примаат пријави и на невакцинирани деца, но со обврска тие да се вакцинираат пред стартот на учебната година. Во спротивно наместо на училиште, децата без комплетен вакцинален картон од 1ви септември ќе останат дома.

Биљана Божиновска