Нема антиевропејци во Македонија: Етикетите што ги лепи власта се лузерски обид за ден повеќе на власт

Лузерска е реториката на власта дека сите оние кои биле против она што СДСМ и ДУИ го договориле со Бугарија се антиевропски настроени. Владејачката гарнитура на тој начин порачува дека дури 80 проценти од Македонците, кои се противат на францускиот предлог се против Европската Унија.
Според политичкиот аналитичар Александар Ристевски, тоа покажува дека власта прифатила нешто за кое не може да гарантира дека ќе го исполни, што можеме да го видиме и сега. А ваквите обиди се колку толку преку зборови, да го спасат својот рејтинг, кој е во слободен пад.
-Ова е лузерска реторика на луѓе кои очигледно деновите им се одбројани. Луѓето после седум години владеење како политичка структура, покажуваат знаци на слабост, знаци на кризирање и во недостаток на аргументи, во недостаток на средства, како да се оправат нели тие замки во кои влегле самите, нормално оди со онаа реторика на сатанизирање на противникот, иако мислам дека не сфаќаат дека всушност си прават себеси контра ефект, изјави Ристевски за Алфа.
Според Ристевски, не постои ниту една партија, ниту граѓанин кој е против Европската Унија. Вели граѓаните ги сакаат европските вредности, сакаат подостоен живот, повисоки плати, само се противат на европска интеграција, под овие услови и бугарски диктат, кој Владата предводена од Димитар Ковачевски ги прифати.
-Не постои партија, која е анти ЕУ, имаше една од тие партии која што е парламентарна, како што е НАТО. Но, ни една партија, ни еден политички субјект, барем тие кои што се парламентарни не е против интеграција на Македонија западно- европска. Македонецот сака стандарди за живот, сака стандарди и квалитети на живеење, намалувење на бучава, загаденост, повисоки примања, почитување на работните часови, платен прекувремен труд, работнички права, вели Ристевски.
Тоа го покажуваат и истражувањата, во кои речиси 70 проценти од граѓаните се за членство во Европската Унија, но според последното истражување на Институтот за демократија Социетас Цивилис, објавено во март годинава, дури 65 проценти од сите граѓани, а 80 проценти од Македонците се против Францускиот предлог.
Матеја Петровски