Нелигитимни и некредибилни луѓе ја водат Македонија: Груби и Ковачевски најлошо оценети од сите политичари во власта
Димитар Ковачевски и Артан Груби, едниот премиер, другиот негов прв заменик – а како тандем имаат најниска оцена од граѓаните како личности кои најлошо си ја вршат својата работа, според анкетата на ИРИ. Груби е на прво место, а веднаш зад него Ковачевски. Едниот е 20 години на власт, а другиот стана премиер без да учествува на избори. Ова покажува дека Македонија во моментов ја водат луѓе кои немаат никаков кредибилитет и легитимитет да ги држат овие високи позиции.
-Ова воопшто не ме изненадува последните мерења кои покажуваат дека политичарите како премиерот и вицепремиерот имаат толку низок рејтинг. Граѓаните ја даваат поддршката на избори и политичарите очигледно ја злоупотребуваат таа нивна позиција што ја добиваат на тие избори и доаѓаме до ситауција каква што е сега, политичар што е со минус рејтинг да одлучуваат буквално за се во Македонија, вели аналитичарот Синиша Пекевски за Алфа.
А токму Ковачевски и Груби се двете личности од кого во моментот зависат клучните работи во Македонија. Ковачевски ја има водечката палка за туркање на уставните измени, додека Груби полека акумулира толкава моќ, што дури го засенува премиерот. На пример, кај него се клучевите за контроверзниот договор со Бехтел и Енка, вреден речиси 2 милијарди народни пари. Во јавноста дури се коментира дека Груби е премиер, а Ковачевски негов заменик. Според Пекевски, не е само проблем тоа што народот смета дека премиерот и првиот вицепремиер не си ја вршат работата, туку и сите други.
-Македонија веќе може да се каже дека е земја на апсурди, во која лица кои немаат апсолутно никаков кредибилитет да не водат се на најзначајните позиции. Не само премиерската и вицепремиерската позиција, туку ќе ги земеме и позициите на министри, директори и на многу круцијални места од кои зависи напредокот на Македонија, изјави Пекевски.
На последната анкета на ИРИ добро не стојат ниту партиите на Ковачевски и Груби, СДСМ има речиси двојно помал рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, односно 11 проценти, додека најголемата опозициска партија има 19 отсто. На ДУИ пак како ретко кога друга албанска партија и дише во врат. Интегративците имаат рејтинг од осум проценти, додека Алијанса за Албанците има само еден процент помалку од нив.
Матеја Петровски