Некомплетна документација го закочи тендерот за гасификација на Гинекологија Чаир

Наместо да добие клуч на врата како што беше најавено пред два месеци, болницата за гинекологија во Чаир и натаму го загадува воздухот. Најавениот тендер за пренамена на системот за греење, од мазут на гас, е закочен поради некомплетна документација, велат надлежните. Од министерството за здравство за Алфа откриваат дека првите технички документи кои ги добиле од раководството на болницата биле несоодветно изработени, па со помош на општината одново ги преработувале. Од потребните две дозволи кои болницата мора да ги поседува за да може да го имплементира новиот систем за затоплување, едната била завршена. Сега надлежните ја чекаат и втората дозвола за да може болницата да премине кон еколошки модел на греење. Од Министерството велат дека тендерот за гасификација бил подготвен.

„Се чека комплетирање на техничката документација, меѓу кои е обезбедување решение за реконструкција, согласно Законот за градење објекти за кои не е потребно одобрение за градење, што ќе се издаде за кратко време и ќе се објави тендерот“, информираат од Министерството.

За да може целиот систем да се преадаптира од мазут на гас, надлежните ќе треба да набават и нов котел, но потребно било да се изгради и подземен систем по принципот на бензинските станици, велат од Министерството. Проектот ќе чини 12 милиони денари.

На стартот од февруари, во екот на грејната сезона, болницата во Чаир беше фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи осамна видео во кое се гледаше како густ црн чад излегува од оџакот. Жителите од овој дел на градот се жалеа дека тешко дишат, а и мерните станици укажуваа на висока загаденост на воздухот.

Тогаш, под притисок на јавноста, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, се закани дека ако проблемот не се реши во рок од 30 дена болницата ќе добие клуч на врата. Два месеци подоцна, грејната сезона се уште не е завршена, но болницата во Чаир и натаму работи со котелот стар половина век.

Биљана Божиновска