Неколку села во срцето на Пелагонија, со години мака мачат за вода

      

     Верка Трајковска има машина за перење, но пере на раце, има бојлер, но се бања со потурање од шишиња, а додека вода за пиење полни од кај соседите кои живеат во понискиот дел од селото и тоа само ако и’ се посреќи да начека. Во 21 век, на +40 степени, жителите од неколку пелагониски села во општина Могила, мака мачат со водоснабдувањето. „Срамота и гревота е во овој век вода да немаме. А резорвоар имаме, ама постојано некој го краде трансформаторот. И сега е украден, еве веќе две години“, – вели Верка Трајковска, жителка на село Мојно.

    „Не можеме да се измиеме, да се испериме. Умрев за водичка, нема од кај да залееш. Одонде одиш, полно е змии, ќе те изедат змиите првин, нема да појдеш да залееш. Мачно е, вака перевме едно време, ама на реката одевме перевме, не вака овдека, на реката ќе го ставевме котелот и ќе перевме. А сега вака ќе се мачиш, ќе чекаш и чекав еден месец, неиспрани останавме. Што да му правам кога нема вода и сега ги извадов од машина и реков, ај да ги заперам, колку-толку, пак не е како неиспрано“, – раскажува Верка Трајковска.

   И нејзиниот соселанец Љубе, кој живее во понискиот дел од селото, ја има истата мака. Тој ни се пожали дека и земјоделските култури кои ги одгледува, трпат за вода, иако тој има и бунар.

    „Иди еднаш неделно и недоволно. Тие што ги садиме земјоделски култури, без вода. Кога нема вода, без вода – така. Од Бога чекаме“, – кажа Љубе Коневски од село Мојно.

    Славе Поповски пак од соседното село Црничани, има 84 години и дури 60 години живеел во Шведска. Се вратил во родниот крај за да си ги помине пензионерските денови. Ама вели, и неговото село има проблем со водата.

  „Кога ќе врне и во зима има вода, ама штом дојде летото нема вода, затоа што во последно време се докажа дека базенот пушта некаде и затоа исчезнува водата. И старата градоначалничка ветуваше, едно две години, но ништо не се подобри за тоа време“, – објаснува Славе Поповски, жител на селото Црничани.

    Независниот советник пак, Борче Бучински, вели дека решение за селото Мојно имало – со копање на подземен кабел, за што поднел и барање до Општината. Првиот човек на општина Могила пак, градоначалникот Драганчо Саботковски, ни рече дека е свесен за маката на овие луѓе, но посочува дека станувало збор за повеќегодишен, наследен проблем кој бара сериозен пристап, со крајна цел – долгорочно решавање и на што во моментов интензивно се работело.

    Каролина Дурло