Неколку лажни датуми, неколку вистински вета- каква европска иднина има Македонија?!

Пет години, од кои четири Македонија добиваше датуми за старт на преговори, но изгледа само во главите на нашите политичари. 26-ти јуни 2018-та, беше денот кога Македонија го доби првиот датум, кој не го доби. На само 11 дена по парафот на Преспанскиот договор, непостоечкиот голем успех тогаш со селфи од авион го прославија Заев, Османи, Анѓушев и Димитров.

-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.

Еуфоријата од датумот кој на крајот го немаше, траеше подолго време кај власта, па се префрли и во Собранието. Тогаш за оние од Илинденска започна и скринингот за Македонија, кој за жал имаше истата судбина како и датумите, па почна изгледа само во главите на власта.

-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.

Тогашниот премиер Заев, дури и во не баш најкоректен стил им порача на политичките ривали дека можеле да пукнат бидејќи тој го постигнал овој голем успех.

-Датум за преговори имаме за 12 месеци, а вие може да пукнете ако сакате што не го решивте ова прашање, порача Заев од Собранието.   

Датумот од 2018-та исчезна и во главите кај владините чинители, но сепак помалку од една година требаше за власта да добие нов датум. Во 2019-та тоа беше искористено во предизбора кампања, тогаш Заев отиде и чекор подалеку, па кажа дека Македонија веќе почнала да преговара.

-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април 2019-та година.

2020-та ги копираше претходните две години, па Македонија повторно ги стартуваше преговорите. На 25-ти март 2020-та Заев ни порача дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи најбрзо што може.

-Северна Македонија почнува преговори за членство во Европската унија. Историската грешка е исправена, нема веќе никакви пречки, ниту услови. Првата меѓувладина конференција ќе се одржи што може порано, кажа во март 2020-та Заев.

По три еуфорични години, следуваше пад на еуфоријата, крајот на 2020-та и почетокот на 2021-ва донесоа нова реалност за власта, датумот сега веќе го снема. Бугарското вето во декември 2020-та беше и причина Заев веќе да не говори за преговори и датуми, туку да се жали од политиките на источниот сосед.

-Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка, кажа Заев.

Скринингот кој Заев тврдеше дека го добил во 2018-та, Македонија магично повторно го доби во 2022-ра година, сега според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Значи сето тоа што сме го поминале се зема предвид, овие шест недели од септември натаму ќе бидат само ажурирање на тоа што е ново донесено до 2019-та до денес, кажа Маричиќ.

2022-ра година пак ќе биде одбележана по првата меѓувладина конференција за сликање, а не и по реален старт на преговорите со ЕУ, иако влста сака да продаде друга приказна. Тоа ни го порача и самата Европска Унија на својот сајт, каде што напиша дека Албанија ги стартувала преговорите, а Македонија е чекор поназад и ќе мора да почека на преговори.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести