Незгодни прашања за Рускоска и Заев – Зошто против „колегите од СЈО“ не е покрената истрага?

Обвинителката Рускоска треба да даде официјално образложение за инволвираноста на лица од СЈО во случајот Рекет, а премиерот Заев не може самиот да донесува одлуки околу судбината на ова обвинителство, без притоа да обезбеди политички консензус. Фелата е револтирана поради сите случувања поврзани со овој голем скандал и бара одговори. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев е уверен дека СЈО не може туку така да се префрли во рамки на друго обвинителство, бидејќи самото било создадено со посебен закон и со посебна цел, па не може некоја политичка партија или личност да му ја одредува судбината „како ќе им текне“, ако за тоа не добијат дозвола од сите политички субјекти.

„Законот за СЈО е „Лекс Специјалис“, донесен во специјална постапка и самиот закон ја предвидува целата процедура за негово гаснење. Проблематично е и правно и политички дали може една политичка опција, без политички консензус во собранието, да го трансформира СЈО во обично обвинителство. Замислете, на една партија не и се допаѓа СЈО и си го прави редовно обвинителство. Не е во ред една политичка елита да ја одредува судбината на СЈО кое е формирано за да се бори токму со таа елита. И не може премиерот да одредува наследници на тоа обвинителство кое треба да се бори против политичката елита на власт“ – констатира професорот Кајалџиев.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска пак потенцира дека аферата веќе зела многу опасни размери и дека јавноста мора да знае кој се бил дел од рекетарската мафија и со какви докази располага Обвинителството.

-Рускоска треба јасно и гласно, за да ја разбере и првооделенче, да објасни зошто против “колегите од СЈО” не е покрената истрага и не се преземаат мерки ако се точни две информациички кои ги пласира на медиуми онака, ко холивудски тизер за трилер:
1. Дека има аудио снимка од “јавен обвинител” кој е вклучен на интерфон додека трае изнудата.
2. Дека предистрагата траела долго и се испитувало дали можеби “сведокот” се обидува да наштети на “колегите од СЈО” (со други зборови, пријавата од сведокот директно ги инволвира СЈО, па мора да се испитува што е точно)
Што се утврдило пред отварањето на истрагата, обвинителке? Сакал ли сведокот да наштети на СЈО или имаме злосторничко здружение? – прашува адвокатката Анастасовска.

Во меѓувреме продолжува истрагата за случајот во кој според повеќе извори се замешани не само двајцата притворени, туку и лица од највисоките кругови на власта. Во Охрид по барање на Јавното обвинителство се запленети подвижни предмети поврзани со случајот „Рекет“. Порталите објавија дека по добиен налог од Судија на претходна постапка , МВР одземало луксузни џипови , мотори, квадрицикли, брзински мотори, скутери за на Вода и луксузен пловен објект – глисер „Бомбардер“ чија заедничка вредност изнесува над еден милион евра. Од МВР меѓутоа ја потврдија само заплената на глисерот, кој му припаѓал на еден од двајцата притворени за случајот Рекет.

Драган Милосављевиќ