Неефикасноста на институциите и честото менување ДУП-ови – кочница за бизнисот

Македонската економија е во лоша состојба веќе две години – алармираат бизнисмените. Освен што слабо се реализираат капиталните проекти, кои се клучни за бизнисот, централната власт, но и општините им оневозможуваат на градежните компании да ги завршат започнатите проекти. Честото менување на деталните урбанистички планови и слабата ефикасност на институциите, се дополнителен удар за и така ослабениот градежен сектор.

Лошата состојба во градежништвото, но и пречките поради кои сопираат и инвестициите на приватните компании, се лош сигнал за оние што допрва сакаат да вложуваат – велат бизнисмените. Дополнително, велат дневните политички препукувања ги попречуваат капиталните инвестиции.

И Светскиот економски форум во последниот Извештај за глобалната конкурентност во кој ја спушти Македонија 16 места подолу, критикуваше за неефикасноста на институциите, лошата инфраструктура, и несоодветниот образовен систем, слабости кои го отежнуваат транспортот, вадењето на градежните дозволи и брзото наоѓање на потребниот квалификуван кадар.

Тања Попова