Недостигот од лекари-специјалисти, се’ повеќе метастазира врз и онака „заболеното“ јавно здравство

Со години хроничниот недостиг од лекари-специјалисти, се’ пожестоко удира врз и онака „болното“ македонско јавно здравство. Речиси и да нема болница во земјава која не се соочува со овој проблем. На одделенијата работат по еден-двајца лекари, некаде нема ни класични дежурства, туку само приправност, а некаде пак, повремено доаѓаат доктори од другите градови.

  „Најаларманта е ситуацијата на рентген, односно една докторка е на породилно отсуство, двајцата доктори кои што се во моментот вработени во нашето одделение и доаѓаат доктори од другите болници, односно од Битола и од Скопје“, – вели Кети Смилеска, директор на Општата болница во Прилеп.

   Тешко се пополнуваат и испразнетите места со нов кадар каде лекарите одат во пензија, или замининале во странство, или пак, почнале со приватна практика, бидејќи за лекарите кои веќе се на специјализација, потребни се години за да се вратат и да почнат со работа.

   „Испратени се доктори на специјализација во една така поголема бројка, но за тоа треба дополнително поголемо време да се вратат…Очекуваме 40-тина специјализанти да се вратат, но етапно. Оние специјализнати кои лани ги испративме се 27 и тие ќе се вратат по 3-4 години, а останатите 10-12, треба да се вратат наредната година“, – објаснува Смилеска.

   Дека овој проблем метастазира, свесно е и ресорното Министерство, па согласно веќе направените општи законски измени околу одењето во пензија, соломонското решение е специјалистите кои веќе навршиле 64 години старост и треба да одат во пензија да имаат право да работат до 67 години, па дури и над таа возраст.

    „Благодарение на она што значи одредба во Законот за здравствена заштита ние побаравме од страна на министерот да ни ја одобри нашата одлука, односно одлуката на болницата беше тие доктори да продолжат до 67 години. Осум доктори од нашата Болница работат и после 64 години и тоа значително многу ни помага во работата со пациентите…Во моментов немаме доктори кои што работат после 67 години, но ја разгледуваме и таа опција“, – посочува Смиелска.

    Заради ваквата состојба, граѓаните загрижени за своето здравје, се’ побурно јавно реагираат и бараат поголема ажурност од здравствените власти. Ова особено и заради тоа што во прилепската Општа болница се лекуваат и жителите од четирите околни општини: Кривогаштани, Крушево, Долнени и Македоски Брод, или околу стотина илјади осигуреници.    

 Каролина Дурло

Advertisements